Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, информира за спроведената ревизија во Министерството за економија и труд, која констатирала низа неправилности, нетранспарентност и прекршувања на управните и законските процедури, направени од претходното раководство.
Прекршоци биле направени во постапката за јавна набавка. Во 2021 година е извршена набавка на софтвер за управување со апликации од физички и правни лица за потребите на Министерството во вредност од 2 милиона 490 илјади денари, но тој не е во функција и нема објаснување или извештај зошто овој софтвер не е пуштен во употреба.
„Има индиции за прекршување на процедурата бидејќи целиот процес е завршен во рок од 15 дена имајќи предвид дека се работи за софтвер што бара време и професионалност. Ревизијата констатира дека тоа претставува ризик и има прекршоци бидејќи целата постапка е завршена за две недели“, рече Дурмиши.
И во 2022 година бил склучен договор за јавна набавка за градежни работи поврзани со изградба на инфраструктурна линија и огради на парцелите на локацијата Манастирец во Македонкси Брод и на локацијата Амзабегови, Свети Николе, во вредност од 25 милиони денари (400 илјади евра). Од страна на ревизијата се констатира дека има неколку пропусти, кои се сомнителни, поврзани со тоа што, иако бил склучен договор со избраната фирма изведувач, овие работи воопшто не биле завршени, а тоа е изградбата на фотоволтаичен центар. Поради ваквото неспроведување и ваквата негрижа на поранешните раководители на Министерството, средствата предвидени од Министерството за економија не се реализирани. Во оваа насока, државата го загуби инвеститорот од кој би се остварил приход и би се отвориле нови работни места.
Неправилности, како што објави Дурмиши, има и во ангажирањето на лицата со договор на дело како во однос на присуство на работа така и во недостиг на докази, должности и обврски на работата и нивна соодветна професионална подготовка. Ревизијата констатирала и прекршоци во користењето на службените возила, како непополнување соодветна законска документација, вклучително и снабдување со гориво на овие возила.
„Исто така, во посебна управна постапка имаме сознанија дека државниот буџет е оштетен за 127.721.000,00 денари или приближно 2 милиона евра како резултат на непреземање мерки од страна на комисиите на Министерството во периодот од 2019 до 2023 година и државата да ја изгуби оваа сума. Бројот на предмети кои се застарени е 1.534 и за нив не може да се води понатамошна постапка“, рече министерот.
Тој ги повика надлежните органи да го преиспитаат извештајот од ревизијата. Рече дека сите што постапиле спротивно на законот ќе сносат одговорност.