Со цел полесно вклучување на работниците на потребите на пазарот на труд, односно стекнување на компјутерски вештини со Оперативниот план за вработување дот за 2025 година се предвидуваат повеќе мерки кои се однесуваат на обуки и развој на дигитални вештини,изјави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на одбележувањето на „Светскиот ден на безбедност и здравје при работа“.
Сите овие обуки, според Дурмиши ќе овозможат преквалификација, доквалификација на сите кои сакаат да се стекнат но и да ги унапредат своите вештини заради зголемување на нивната конкурентност и побрза интеграција на пазарот на трудот и вклучување во новите трендови како што се дигитализација на работни места, бидејќи само на овој начин преку вложување во развој на дигитални вештини ќе отвориме нови работни места.
Министерството во наредниот период, како што најави, ќе работи на подигнување на свеста, поттикнување на дебати и дискусии за важноста на безбедноста и здравјето при работа во оваа дигитална ера со посебен акцент на неопходноста да се има „пристап фокусиран на човекот“ при дизајнирањето, спроведувањето, управувањето и користењето на дигиталните технологии.
„Мора да ни биде јасно дека е клучно да бидеме проактивни во прилагодувањето на новите трендови и технологии за да останеме конкурентни на пазарот на трудот и да обезбедиме успешна кариера во иднина, за да можеме да ги задржиме младите во нашата земја но и да ги привлечеме оние кои се надвор од државата да се вратат и тука да ја креираат својата иднина“, истакна Дурмиши.