Дурмек, овчи ќебап, рибја капама и таан алва во топол леб за саканите

129

Денес сè уште не ги познаваме доволно куриозитетите на Старата скопска чаршија. Многу нејзини специфики, кои некогаш биле познати и опишувани, сега се подзаборавени. Во ова наше време вообичаено е да купиме симит-погача, бурек, ѓеврек, баничка, леблебија, кикиритки, печени семки, лешници и бадеми, ф’стаци. Но дали знаете дека некогаш во чаршијата најпопуларен специјалитет било јадењето дурмек, кое го подготвувале Черкезите? Черкезите биле доселени во Скопје по Кримската војна во 1864 год.

Јадењето го приготвувале во своите домови, а потоа самите го продавале низ чаршијата. Како се приготвувал специјалитетот дурмек? Во голем котел се ставале кисело млеко, мед, пченица, сливи и јајца, и сето тоа се варело неколку часа. Велат, дурмекот бил толку вкусен специјалитет „прсти да излижеш“. Челебија ги спомнува како скопски специјалитети, исто така, и овчиот ќебап и рибината капама. Посебно гурманско јадење претставувал и јагнешки бут печен во тепсија. Од пијалаците, со светски глас била медовината со мирудии, потоа хардалијата, (приготвена од синап или горчица), како и екстрактот од пелин (пелонија), малиновиот сок и слаткото вино (шира). Челебија од овошките посебно ги изделува јаболкото, дуњите (екмек-ајваси), сливите-бардаклии и шефтелиите.

До 1961 година пред влезот на „Даутпашиниот амам“, којшто е свртен кон Калето, била лоцирана една низа од стари објекти, главно дуќани и продавници со најразлична намена. Во едниот од нив се наоѓал и слаткарницата „Лила“. Во неа првпат се продавале пакувани локуми, но и таан-алва во метални кутии. Со таан-алвата и со слаткарницата „Лила“ е поврзана уште една интересна приказна.

Секој ден попладне, околу 16 часот, можела да се купи, штотуку подготвена топла таан-алва. Таа била посебен специјалитет и уживање за граѓаните. Попладнето, пред слаткарницата се создавала голема редица. Но уживањето било поврзано со посебен ритуал. Наспроти „Даутпашиниот амам“, во ниска куќарка што постои и денес, веднаш до црквата „Св. Димитрија“, се наоѓала позната фурна. Во фурната најпрвин се купувал топол леб, а потоа во него се ставала топлата таан-алва. Велат, цела чаршија доаѓала попладне пред слаткарницата „Лила“ поради алвата. Честопати вљубените чекале во долга редица, за да ѝ однесат топла таан-алва на саканата.

 

ИЗДВОЕНИ