По три години од масовните дојави на бомби во училиштата во земјава, стравот повторно се врати кај граѓаните, а најмногу кај родителите, кој изутрината ги оставиле своите деца во нивните училници. Само што ги однеле, се вратиле да си ги земат дома.
Кај повеќето од училишните служби, електорнската пошта, со вознемирувачка содржина, пристигнала во ноќните часови, кај некои на приватните, кај дел пак на службените интернет пошти. Содржината на пораката ги дигнала на нозе службите во училиштата во Штип, Охрид, Струмица, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струга, Берово и Македонска Каменица. Сите ја добиле истата содржина во порака… Имате поставено бомба!
-Вработено лице ни напиша во групата дека има дојава за бомба, да не им кажуваме на децата бидејќи се мали за да не им влеваме паника и страв, ни ја пренесе пораката наставничка од едно основно училиште во населбата Аеродром. Учениците кои веќе седнале во училишните клупи, место да почнат со часот, се зачудиле дека по нив дошле родителите да ги носат дома.
–Подоцна веќе децата знаеја за настанот, разбрале на Фејсбук, вели нашата соговорничка, која е наставничка во одделенска настава. Во дел од училиштата каде што имало дојава за експлозивна направа, наставата брзо продолжила откако полицијата проверила дека станува збор за лажна тревога. Во други училишта, пак, полицајци од единицата за антитероризам подолго време ги правеле проверките, во средно скопско училиште учениците им раскажале на родителите дека службеници во цивил ги проверувале училишните клупи. По завршување на проверките МВР утврдило дека, од вкупно 240 дојави, нема закана и опасност од бомба и оти пораките се лажни.
-Во постојан контакт сме со Европол и Интерпол, имаме некои траги, повеќе не можам да откријам да не се наштети на истрагата. Во комуникација сме со нашите колеги од Хрватска и Унгарија каде што деновиве имаше слични дојави за бомба и веруваме дека набрзо ќе се откријат оние што го прават ова. Ја уверувам македонската јавност дека безбедноста во земјата е стабилна. Полицијата дополнително разговараат со сите директори на училиштата и во текот на денот ќе добијат јасни инструкции како и што понатаму треба да се прави во иднина, доколку се појави сето тоа, смирува директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев.
Дали лажните пораки за активирање на бомби во македонските училишта се праќаат однадвор, директорот Јанев вели дека во Европол и Интерпол ги имале сите сознанија кои ќе помогнат во откривање на сторителите. Според премиерот Христијан Мицкоски станува збор за хибридни напади.
– Тие се тие напади хибридни напади коишто ќе се случуваат, не е нешто неочекувано ќе треба да се подготвиме. Постапено е според протоколот ваков тип на напади имаше пред некој ден и во Хрватска, претходно во институциите во Унгарија и претпоставувам дека ова ќе биде ќе биде континуитет кај нас, но мислам дека се креира еден протокол, изјави премиерот и најави дека се изготвува протокол за постапување, кој е испратен до училиштата како да постапуваат во вакви ситуации со цел наставата да не трпи.
Смирувачки апели до родителите упати и министерката за образование Весна Јаневска. Ги замоли директорите да ја користат службената интернет пошта, бидејќи била побезбедна. На општините им препорача ако се во можност да имаат физичко обезбедување и видеонадзор во училиштата, а на училиштата да бидат попретпазливи „кој и како влегува во овој сензитивен период“.
Последните неколку денови, вакви сајбер-напади се случуваат и во Хрватска, каде што во седумдесет училиштата пристигнала лажна дојава за бомба. И таму исто како и кај нас пораките биле испратени ноќе, на мајчиниот јазик. Хрватските власти изјавија дека се сомневаат оти дојавите се испратени надвор од Европа. (П.А.)