Таблите се изработени од дрво и од ковано железо и за првпат го содржат називот на македонско кирилско писмо и англиска транскрипција на латиница. Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, информира дека проектот започнал минатата година, со поставување 74 информативни табли (фирми) на потегот од плоштадот по улицата „Цар Самоил“, црквата „Света Софија“ и улицата „Коста Абраш“.

Проектот се спроведува со одобрение на Управата за заштита на културното наследство, а во согласност со Стратешкиот план за рехабилитација на светското културно наследство на Охридскиот Регион и препораките на мониторинг-мисиите на Центарот за светско културно наследство на УНЕСКО

Општина Охрид постави 40 унифицирани табли на плоштадот „Свети Климент Охридски“ и низ Охридската чаршија. Таблите се изработени од дрво и од ковано железо и за првпат го содржат називот на македонско кирилско писмо и англиска транскрипција на латиница.

Градоначалникот Кирил Пецаков информира дека проектот започнал минатата година, со поставување 74 информативни табли (фирми) на потегот од плоштадот по улицата „Цар Самоил“, црквата „Света Софија“ и улицата „Коста Абраш“.

– За следната година е предвидено со проектот да се опфатат сите објекти во Чаршијата на потегот до плоштадот „Крушевска република“ и кракот до пресекот на улицата „Туристичка“. Станува збор за околу 120 објекти, ресторани и кафетерии, трговски и занаетчиски дуќани, со што ќе се заокружи овој дел од старото градско јадро. Понатаму ќе следува Старата чаршија, за која, исто така, ќе биде избрано визуелно решение согласно со Правилникот и со каталогот – вели Пецаков.

Сопствениците на дуќаните се задоволни од унифицираноста на рекламните табли и сметаат дека е потребно, по бојата и по изгледот, да се унифицираат и тендите и канделабрите.

– Сите чекори на локалната власт во овој проект претходно беа дискутирани и усогласени со широката заедница на корисници на јавни трибини и меѓусебни консултации. Претставниците, сопствениците и корисниците на деловните простори, дуќанџиите, занаетчиите, угостителите заеднички ги креираат идните чекори, во заедничка координација со општинскиот проектен тим, па дури потоа се спроведуваат процедурите за набавка и поставување на опремата – изјави Пецаков.

Проектот се спроведува со одобрение на Управата за заштита на културното наследство, а во согласност со Стратешкиот план за рехабилитација на светското културно наследство на Охридскиот Регион и препораките на мониторинг-мисиите на Центарот за светско културно наследство на УНЕСКО.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ