Дуке Бојаџиев, еден од најзначајните македонски композитори за филмска музика, на 7 февруари (20 ч.) во Филхармонија, со уникатен концертен настан насловен „Кинематика“, ја одбележува својата дваесетгодишна интернационална кариера.

На сцената ќе настапат Дуке Бојаџиев на пијано, Злата Тошевска Димовска – сопран,
Климент Тодороски – 1ва виолина, Милена Тодороска Мургоски – 2ра виолина, Марија Димитријевич – виола, Енис Аљи – виолончело, Мартин Ѓаконовски – контрабас и
Павел Ренџов – тапани, перкусии

Овој целовечерен концерт ќе ги пренесе слушателите низ најзначајните моменти од филмското творештво на Бојаџиев, создавајќи емотивно патување кое ја истакнува убавината на филмската музика и нејзината моќ да ги допре најдлабоките делови од човечката душа.

Дуке Бојаџиев е композитор, пијанист и продуцент со меѓународна кариера што трае повеќе од две децении. По дипломирањето на Медицинскиот факултет во Скопје, ја следи својата страст кон музиката и студира на престижниот музички колеџ „Беркли“ во Бостон. Неговото патување продолжува во Њујорк, каде создава музика за филмови и настапува на светски познати сцени. Од Карнеги Хол до најголемите филмски фестивали во светот, Дуке Бојаџиев изгради уникатен пат како композитор, пијанист и продуцент. Неговата музика е спој на класичната традиција и современата иновација, секогаш истражувајќи ја врската помеѓу звукот и човечката емоција. Со над 20 години меѓународен успех, Бојаџиев продолжува да ја редефинира улогата на филмската музика во живата изведба.

„Кинематика“ не е само концерт – тоа е искуство кое ги обединува музиката и филмската уметност, потсетувајќи нè на нивната длабока поврзаност и способност да допрат до глобалната публика. Со поддршка од врвни музичари и со свежи аранжмани, оваа вечер ќе биде искуство кое ја слави моќта на музиката да раскажува приказни, да ги спојува луѓето и да инспирира.

 

ИЗДВОЕНИ