И пред почетокот на седницата стана извесно дека четирите поднесени интерпелации од страната на ДУИ нема да ја добијат поддршката откако пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Вреди, СДСМ и Левица најавија дека нема да ги прифатат интерпелациите. Пратеничката Рина Ајдари од Европски фронт интерпелациите ги образложи со тоа што Владата не успеала да обезбеди меѓуетнички соживот по случувањата поврзани со прославата на Денот на албанското знаме. Од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ најавија дека ќе ја поддржат интерпелацијата за Илире Даути поднесена од Левица
Владата не успеа да обезбеди меѓуетнички соживот по случувањата поврзани со прославата на Денот на албанското знаме, кои ја разнишаа стабилноста и меѓуетничката хармонија во земјава – образложение е кое го даде пратеничката Рина Ајдари од Европски фронт на вчерашната собраниска седница посветена на предлозите за четирите интерпелации поднесени од оваа опозициска коалиција против вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени. Пратениците на дневен ред ја имаат и петта интерпелација поднесена од шестмина пратеници на опозициската Левица за работата на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути од Европскиот фронт. Левица смета дека Даути откако била изгласана потребата за носење на законот за бранителите не ја ставила точката на дневен ред на Комисијата во рок од 24 часа, а тоа не го сторила и откако се собрале потписи од пратениците за тоа да се направи, како и дека на секоја седница на Комисијата таа одбива да го стави законот на дневен ред.
Според собранискиот Деловник, дебатата и гласањето за интерпелациите ќе бидат поединечни, а гласањето треба да заврши пред полноќ. Сепак, и пред почетокот на седницата стана извесно дека четирите поднесени интерпелации од страната на ДУИ нема да ја добијат поддршката откако пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Вреди, СДСМ и Левица најавија дека нема да ги прифатат интерпелациите. Од друга страна владејачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, кои располагаат со 64 пратеници најавија дека ќе ја поддржат интерпелацијата за Даути што значи дека таа би можела и да биде разрешена од функцијата.
Пратеничката Ајдари во однос на интерпелацијата за работата на Тошковски и Исеини, таа истакна дека спречиле мирна и традиционална прослава на Албанците.
– Еден од најважните настани кои го одбележа неуспехот на Панче Тошковски и Астрит Исеини е начинот на којшто постапуваше полицијата за славењето на албанското знаме, каде што органите интервенираа на невиден и неоправдан начин, спречувајќи мирна и традиционална прослава на Албанците која секогаш била во празнична атмосфера секаде каде што живеат Албанци. Оваа интервенција предизвика непотребни тензии и ја поткопа атмосферата на меѓуетнички соживот. Полицијата наместо да го одржува јавниот ред и да држи неутрален став, поттикна конфронтации и ескалација на тензиите, посочи Ајдари.
За интерпелацијата против Меџити, таа посочи дека тој не ги заштитил интересите на албанската заедница и толерирал дискриминација, игнорирајќи ги неправдите кон Албанците.
– Меџити молчи за дискриминацијата и за понижувањето што ги доживеа албанската заедница и не ги искористи овластувањата за да обезбеди еднаков третман за сите граѓани. Неговите изјави кои помогнаа да се поддржи селективниот пристап кон меѓуетничките настани јасно го демонстрираат неговиот неуспех да управува со ситуацијата еднакво и правично. Наместо да помогне во создавање можности за меѓуетнички дијалог, тој придонесе за ескалација на кризите – рече Ајдари.
Во врска со интерпелацијата против работата на вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, Ајдари рече дека тој бил против гласањето на заедничката резолуција со која масовните убиства во Сребреница беа признати како геноцид и изразувал ставови против жртвите на геноцидот.
Врзано со ова, од опозициската СДСМ вчера соопштија дека нема да гласаат за интерпелациите и по што ја напуштија собраниската седница.
-Сметаме дека нема потреба од нови поделби по етничка основа, и во однос на интерпелациите кои не смееле во ниту еден случај да бидат поврзани со етнички контекст, туку единствено со аргументи и факти околу работата на одреден министер или функционер. Немаме ниту еден збор во интерпелациите зошто не се преземаат мерки за нечистиот воздух и непреземањето иницијативи на министерот за екологија, немаме ниту еден збор за скандалите на косовската граница и бегствата на Рамадани и Груби, нема ниту збор за партиската чистка во безбедносниот сектор и отпуштањето на професионалците, нема ниту збор зошто е амнестиран бодигардот на Мицкоски…, изјави пратеникот Оливер Спасовски по што ги повика пратениците на СДСМ да ја напуштат салата.
Околу интерпелацијата за пратеничката Илире Даути поднесена од Левица, во однос на предлог-законот за бранители, Спасовски рече дека нема да биде решение на проблемот, бидејќи, според него, проблемот се вика Африм Гаши.
-Не е никој друг виновен. Кога законот не беше ставен на седница на Комисијата, претседателот по Деловникот е должен да овласти друг член на Комисијата и да се закаже седницата со точката на дневен ред. Вистинската одговорност и лице е Гаши, Интерпелацијата на претседател на собраниска комисија, која е дел од парламентарната група, нема да донесе ништо, истакна Спасовски.
Наспроти ова, пратеничката Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека тие ќе ја поддржат интерпелацијата на Илире Даути.
-Ние даваме поддршка на оваа интерпелација и ќе гласаме за интерпелацијата на колешката Илире Даути. Во самото образложение на интерпелацијата се вели дека Илире Даути сосема неделовнички, противуставно, своеволно, тенденциозно, па јас би рекла и проблематично го кочи работењето на оваа комисија. Морам да дадам коментар по однос на излегувањето на СДС и овој парадокс што се случи денеска. Имено, вчера се оградија од досегашниот партнер во владата, СДСМ се оградува од ДУИ и вели дека тие се најкорумпираната политичка партија во Македонија, а денеска излегуваат и не сакаат да учествуваат во работата на Собранието и не сакаат да дадат поддршка за интерпелацијата на Илире Даути. А, истовремено, пак, замислете кој е тој парадокс, законот заради кој Илире Даути заслужено добива интерпелација е поднесен од нив сега откако 7 години беа на власт и не поднесоа закон. Само што паднаа од власт поднесоа вакво законско решение – истакна Ласовска.
Бобан Карапејовски од Движењето ЗНАМ рече дека тие ќе ја поддржат интерпелацијата за Даути.
-Не смее да се спречи дебатирање за која било тема. Не може претседател на комисија да се става над пленумот, да не дозволи расправа. Треба да се дебатира за сите теми, законот за бранителите не е забранета тема. Даути го прекрши собранискиот Деловник, а деловникот или го почитувате или не – потенцира Карапејовски.
Од коалицијата Европски фронт, предводена од ДУИ, во дискусиите наведуваа дека Даути се бори за правата на пратениците да придонесат за подобрување на државата и да ги поддржат оние кои имаат потреба за правдата.
Од коалицијата Вреди соопштија дека нема да влетуваат „во замката на пратениците на ДУИ кои сакаат со интерпелациите да го оттргнат вниманието на јавноста од вистинските прашања, како огромните корупциски скандали во нивните редови“.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера оцени дека интерпелациите се дефокус од вистинската борба против криминалот и корупцијата.
-Чудно е зошто сега, кога борбата против криминалот и корупцијата е видлива за граѓаните, се поднесува интерпелација од страна на само еден дел од опозицијата. Но, еве да видиме кои ќе бидат нивните аргументи. Би сакал да ги чујам аргументите, и во моето излагање ќе ги изнесам сите факти што се на страна на вистината. Се виде како работеа тие пред нас, а гледа народот како работиме ние денес, изјави Тошковски, за време на неговата посета во Желино, каде што е отворена новата канцеларија на Управните служби на МВР. (Б.Ѓ.)