ДУИ денеска порача дека пропаднал планот на Вучиќ и на моноетничката влада за екстрадиција во Србија на поранешниот припадник на косовската УЧК, Блерим Рамадани.
– Меџити и Таравари, губитниците на изборите и омилени вазали на ВМРО, се пофалија дека го ослободиле Блерим Рамадани, измамувајќи ја албанската јавност. Мицкоски вчера потврди дека Меџити и Таравари не отвориле уста во Владата за Блерим Рамадани, велејќи дека тој не слушнал дека се пофалиле јавно за неговото „ослободување“. ВазаЛЕН-ите нѐ срамат и пред Косово и Албанија, со дипломатскиот скандал со претседателката Османи и со апсењето на Блерим Рамадани, сето тоа со директни наредби од Вучиќ и Србија – се вели во реакцијата на ДУИ.
Портпаролот на коалицијата Вреди, Фари Хисени, изјави дека опозициската ДУИ жали затоа што не им успеал планот, преку нивни обвинител, Блерим Рамадани да биде вратен во притвор и екстрадиран во Србија.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, вчера, на прес-конференција, одговорајќи на новинарски прашања, изјави дека Србија дава неточни информации за случајот со Блерим Рамадани. На прашањето дали има Владата информации за бегството на Рамадани, за кого дел од медиумите објавија дека се наоѓа во Косово, и во однос на тоа каде потфрлиле институциите, Меџити упати на одговор во МВР.
– За тоа ќе се обратите до МВР. Знам дека Судечкиот совет донел одлука дека аргументите што ги посочува Србија не држат и нема основа Блерим Рамадани да се спроведе во Србија. Тоа е веќе трета одлука. Имаше иста за Дуголи во минатото, имаше за Морина и веќе тоа станува судска практика. Мислам дека, најверојатно, таа судска практика треба да нѐ насочи да дејствуваме како држава, како и сите други европски држави. Значи, за овој случај, Србија дава неточни информации и мислам дека не треба да се сфаќаат сериозно во иднина – истакна Меџити.