Тензиите во албанскиот политички блок не стивнуваат. Откако дојде до сериозна поделба на албанската политичка сцена со формирањето нови политички субјекти, ДУИ доби сериозна конкуренција во албанскиот опозициски блок, обединет во коалицијата „Вреди“.

Препукувањата меѓу двата албански политички фронта, кои веќе со месеци ја обележуваат политичката сцена, продолжуваат со тоа што опозицискиот фронт дури и алармира дека ДУИ на претстојните избори нема да се помири со поразот што ќе го претрпи на изборите и дека е подготвена и да предизвика немири на изборите.

На прес-конференција, портпаролот на здружената албанска опозиција „Вреди“, Орхан Муртезани, изјави дека имаат причина да се сомневаат дека ДУИ може да предизвика немири на изборите, откако ќе претрпи изборен пораз.

Муртезани ги поткрепи сомневањата дека ДУИ е подготвена да предизвика немири со содржините што беа објавени во извештајот на ОДИХР за предизборниот амбиент во земјава. Муртезани вели дека текстот не бил позитивен за земјава.

– Врз основа на народната поговорка дека давеникот се фаќа за сламка, земајќи го предвид извештајот на ОДИХР, кој предвидува можна нестабилност и неизвесни избори, имаме право да се сомневаме дека ДУИ е подготвена да предизвика политичка криза за да не го прифати сигурниот пораз, кој доаѓа. Не смееме да го занемариме фактот дека кандидатот за претседател на ДУИ до вчера беше претседавач со ОБСЕ и имаше или требаше да има пристап и да учествува во изработката на овој извештај – рече Муртезани.

Од „Вреди“ посочуваат дека претседателскиот кандидат на ДУИ, Бујар Османи, не може да се нарече кандидат кој ги застапува Албанците, со оглед дека, како што велат, бил  единствениот Албанец со предмет во Специјалното обвинителство.

-Пациентот Бујар Османи не може да победи против доктор Таравари, бидејќи Таравари вреди, а Бујар лаже – велат од „Вреди“.

ОБСЕ-ОДИХР, пред два дена, објави извештај за предизборниот амбиент во земјава.

– Медиумското покривање на изборната кампања е фрагментирано и поларизирано, има значително зголемување на националистичката реторика, што може да резултира со зголемени немири и тензии. Забележан е пораст на нетолерантната и насилна реторика, која може да се толкува и како говор на омраза, вклучително и против етничките малцинства – беше наведено во извештајот на ОДИХР, кои ги набљудуваат и ги оценуваат сите изборни процеси во земјата повеќе од една деценија.

Во меѓувреме, по изнесените предупредувања од албанската опозиција, од ДУИ возвратија дека коалицијата „Вреди“ е координирана со ВМРО-ДПМНЕ и со Левица и дека токму таа подготвува сценарио да не ги прифати изборните резултати и со тоа да предизвика дестабилизација и конфузија во јавноста.

Од партијата на Али Ахмети велат дека, и покрај напорите на опозицијата, јавноста знае дека кога ДУИ организирала избори во овие 23 години, тие биле слободни, демократски и меѓународно прифатени.

Инаку, тензиите во албанскиот блок се интензивираа откако  Алијанса за Албанците, која е дел од власта, доживеа раскол, поради тоа што Арбен Таравари стана претседателски кандидат на албанските опозициски партии. Во меѓувреме, и натаму е неизвесно дали Алијанса на Зијадин Села сама ќе настапи на изборите или ќе му се приклучи на европскиот фронт, предводен од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, контра опозицискиот блок „Вреди“, предводен од Изет Меџити, Билал Касами, Африм Гаши и Алијанса на Арбен Таравари.

М.С.