На последната средба американската амбасадорка Анџела Агелер со претседателот и со сите девет уставни судии им порачала дека очекува да работат професионално без никакви притисоци. И вицепремиерот Изет Меџити ден претходно изјави дека ДУИ нема причина да ги бојкотира локалните избори и дека тоа не би му се допаднало на меѓународниот фактор. Според него, бојкотот само ќе ѝ наштети на партијата на Ахмети. Блерим Беџети во интервју за РСЕ се обиде да ги објасни намерите на ДУИ. Вели – „напротив, ние не сме најавиле никаков бојкот, ние секогаш сме биле и сме спремни за избори, и на последните парламентарни избори, изборниот легитимитет на етничките Албанци, и другите етнички заедници е кај Европскиот фронт“
Меѓународната заедница будно ги следи заканите на ДУИ за бојкот на локалните избори ако Уставен суд чепне во Законот за јазици. Тоа се потврди и со последната средба на американската амбасадорка Анџела Агелер со претседателот и со сите девет уставни судии, на која им порачала дека очекува дека ќе работат професионално без никакви притисоци.
– Амбасадорката Агелер ги охрабри судиите да одолеваат на какви било влијанија и притисоци во постапувањето и кога ќе влезат на седница да ги остават настрана сите останати улоги, а пред сè да бидат уставни судии, се вели во соопштението. Пораката на Агелер ја слушнале сите 9 уставни судии. Меѓу нив биле и двајцата етнички Албанци, кои ја бојкотираа последната седница на Судот, кога тој реши да поведе постапка за Законот за јазиците.
И вицепремиерот Изет Меџити ден претходно изјави дека ДУИ нема причина да ги бојкотира локалните избори и дека тоа не би му се допаднало на меѓународниот фактор. Според него, бојкотот само ќе ѝ наштети на партијата на Ахмети.
„Оние кои се обидуваат по секоја цена да создаваат разни политички кризи, мислам дека имаат криза, како ДУИ, поради немањето платформа, програма, визија, обидувајќи се постојано да создаваат тензии со полувистини или лажни вести. Но, граѓаните почнуваат да сфаќаат дека тоа што го кажува ДУИ е невистинито и мислам дека е време да се свртат кон себе, да се реформираат и да бидат конкурентни. Во спротивно нема да бидат конкуренти на политичката сцена и тогаш немаат причина да излезат на следните локални или парламентарни избори. Прво, ниту ЕУ, ниту другите стратешки партнери не го поздравуваат бојкотот и второ, немаат причина да бојкотираат. Ако постојано бараат легитимитет, еве на кои избори ќе можеме да се измериме. Цело време бараа предвремени избори, а сега кога се нудат избори, најавуваат бојкот“, рече Меџити.
Тоа е веројатно и главната причина што заканите за бојкот почнаа да се топат. Десетина дена пред Уставен да ја одржи закажаната подготвителна седница на која повеќе експерти ќе ги разгледуваат спорните членови од овој закон, Блерим Беџети во интервју за РСЕ се обиде да ги објасни намерите на ДУИ.
Прашан за најавата на ДУИ дека ќе нема локални избори доколку со нив паралелно не се одржат и парламентарни избори, ако се чепне Законот за јазиците и дали тоа може да се толкува како бојкот, или како најава за политичка криза што ќе спречи воопшто да се одржат локалните избори, Беџети вели – „напротив, ние не сме најавиле никаков бојкот, ние секогаш сме биле и сме спремни за избори, и на последните парламентарни избори, изборниот легитимитет на етничките Албанци, и другите етнички заедници е кај Европскиот фронт“.
– Предвремени парламентарни избори во Собранието како дебата се отвори од сите, почнувајќи од премиерот Мицкоски. Но, факт е дека на државата и се потребни предвремени парламентарни избори, за да излезе од ситуацијава во која не е почитуван легитимитетот на втората етничка заедница во државата. Затоа што само така ќе се врати стабилноста, политичката стабилност, но и можноста во економската и сите други сфери во нашата држава да има стабилност и да се работи на прогрес и општо добро на граѓаните. Недозволиво е да се почитува само едниот легитимитет во државата од двете најголеми етнички заедници во државата, и затоа бараме предвремени парламентарни избори. А во другата насока околу најавите за Законот за јазиците, да вистина е, бидејќи ние имавме средби со граѓаните. На тие средби со граѓаните што ги имавме со ограноците на ДУИ, граѓаните имаа можност да постават прашања до претседателот Али Ахмети и до сите други, и ако ги следиме сите прашања и коментари, загриженоста околу ова многу сензитивно прашање е на највисоко ниво. Нормално, ние сме избрани од Албанците и граѓаните и ние свесни сме каква ќе биде реакцијата, и затоа е кажан тој став дека тешко дека ќе има локални избори, затоа што се нарушува етничката стабилност, и те како се нарушува, вели Беџети.
Раководството на ДУИ минатата недела се закани дека ако Уставен укине одредби од Законот за јазиците, тие нема да дозволат да се постават избирачки кутии и ќе ги повикаат граѓаните на улица. ДУИ веќе протестираше со шатор пред Уставен кога падна одлуката да се преиспитува законот. Протестот траеше кратко а заврши откако Груби беше ставен на американската црна листа.
Уставен, на 20 март, треба да одржи подготвителна седница со повеќе експерти, на која ќе се разгледуваат спорните членови од овој закон. Конечната одлука се очекува кон крајот на мај или почетокот на јуни.