ДУИ: Истрагата за пожарот во Кочани станува уникатен пример за правна импровизација

40

Истрагата за пожарот во Кочани станува уникатен пример за правна импровизација, воден не од закон, туку од желба за аплауз, велат денеска од Демократската унија за интеграција (ДУИ).

Од партијата ја коментираат последната прес-конференција на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, во која, како што посочија, тој се повикува на меѓународните примери, како Романија, Бразил и САД, со цел да ја оправда својата одлука да воведе долгорочна каузалност и да отвори обвиненија против луѓе што немале допирна точка во последните 15 години со оваа трагедија.

„Но, вистината што медиумите ја открија е сосема спротивна, во сите три случаи одговорноста ја сносеа само директно инволвираните, најчесто три до пет лица, без да се отвораат процеси против поранешни функционери, без обиди за историски ревизии на вина“, се вели во реакцијата на ДУИ.

Оттаму додаваат и дека наместо да ја води низ призмата на правдата, Обвинителството ја поставува низ призмата на популизмот и спасување на Владата.

„Целата академска и правна фела гласно алармира дека овој пристап е антиуставен, спротивен на праксата и антипрофесионален. Тој не произлегува од правната наука, туку од политички договор со извршната власт“, пишуваат од ДУИ.

Апелираат Обвинителството веднаш да го прекине трансакцискиот однос со Владата, оти кариерите на политичарите не смеат да се градат врз туѓа трагедија.

„Одговорноста за ваквиот пристап и за се што може да се случи со неправедно притворените, ќе падне на конкретни имиња“, кажуваат од партијата.

ИЗДВОЕНИ