Се прават измени на Законот за градежно земјиште со цел полесно да се добиваат податоци од Регистарот на отуѓено и дадено под долготраен и краткотраен закуп државно градежно земјиште преку информацискиот систем www.gradezno-zemjiste.mk. На овој начин закупувачите (правни или физички лица) кои изградиле објект на државно земјиште, а претходно случиле договор со некој државен орган, јавно претпријатие, акционерски друштва и други субјекти основани од Собранието, Владата или општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, да може истото тоа земјиште да им се даде на користење или, пак, да си го откупат.
Со измените се менува членот 93 став (1) во Законот и гласи: „Општините, општините во градот Скопје и градот Скопје водат електронски Регистар на отуѓено и дадено под долготраен и краткотраен закуп на градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија, кој регистер е дел од информацискиот систем од член 46 од овој закон“.
Во член 2, пак, се предвидува градежното земјиште во државна сопственост на кое до денот на влегувањето во сила на законското решение има изградено објекти врз основа на правосилно одобрение за градење од страна на физички или правни лица кои се стекнале со правото на градење врз основа на претходно склучено правно дело со државни органи, јавни претпријатија, акционерски друштва и други субјекти основани од Собранието, Владата или општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, да може да им се даде на трајно користење или да им се пренесе правото на сопственост само на оние државни органи, јавни претпријатија, акционерски друштва и други субјекти основани од Собранието и Владата кои го склучиле правното дело.
Со измените се јавува и потреба за издавање на одобрение за употреба за објектите од јавен интерес на градежно земјиште на кое веќе се изградени врз основа на правосилни одобренија за градење.
Собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање на денешната седница го разгледа и одлучи да го проследи на натамошна собраниска постапка Предлогот законот за изменување на Законот за градежно земјиште, по скратена постапка, поднесен од група пратеници.