Од утре на Македонската берза за долгорочни хартии од вредност ќе почнат да котираат два пакета со државни обврзници. Едниот пакет е со вредност од 254 милиони денари (4,13 милиони евра) и е со девизна клаузула. Ќе бидат издадени 25.400 хартии од вредност со номинална вредност на една обврзница од 10.000 денари. Каматната стапка е 3,55 проценти со датум на доспевање 12 декември 2027 година.

Вториот пакет се 104.012 државни обврзници без девизна клаузула со вредност од 1,04 милијарди денари (17 милиони евра) со номинална вредност на една обврзница од 10.000 денари. Каматната стапка е 4,20 проценти со датум на доспевање 12 декември 2029 година.  

Овој месец ова ќе биде второ задолжување на државата кај домашните инвеститори и банки.

На 12 декември државата се задолжи на сума од близу 60 милиони евра, преку тригодишни државни обврзници, што значи дека средствата ќе бидат вратени во 2027 година. За овие позајмени пари државата ќе им плати на домашните инвеститори со каматна стапка од 3,9 отсто годишно.

Инаку, државната обврзница е издадена на крајот на ноември оваа година, а парите ќе бидат вратени на крајот на ноември 2027 година. Станува збор за државни обврзници без девизна клаузула.