Дрвото што од силниот ветер во вторникот падна во центарот на Скопје, на булеварот „Свети Климент Охридски“ и неговите гранки поклопија жена која беше повредена и пренесена на во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, не било обележано и за него немало издадено решение за сечење.

Од ЈП „Паркови и зеленило“ одговорија дека нивните екипи секојдневно се присутни на терен и ги извршуваат работните задачи низ зеленилото во градот во сите скопски општини, по булеварите, градските паркови и главните магистрални и собирни улици, така што ја проверуваат состојбата на  дрвјата, а истото го прави и Град Скопје, поточно Секторот за комунални работи на Град Скопје.

– При нормални временски услови во најголем дел ја гарантираме безбедноста на граѓаните, но не може да гарантираме во случај на појава на невреме и ветар со јачина над 70 км/час, што се смета за елементарна непогода, кога од силината на ветрот паѓаат и здрави дрвја кои не се обележани за сечење – потенцираат од претпријатието.

Оттаму, додаваат дека при секоја најава за невреме редовно апелираат до граѓаните да не ги паркираат возилата под дрвјата и без потреба да не излегуваат на отворено.

Од ЈП „Паркови и зеленила“ велат дека ги  сечат само обележаните дрвја и тоа само по издадени решенија од страна на Секторот за комунални работи на Град Скопје. При тоа, подетално ја објаснуваат постапката. Велат доколку треба да се исече некое дрво, грмушка и жива ограда на јавна површина, физичко/правно лице поднесува барање  за тоа до Град Скопје – Сектор за комунални работи. Потоа, стручни лица со увид на лице место ја утврдуваат состојбата и потребата за сечење, односно кастрење на дрвото и донесуваат Решение. ЈП „Паркови и зеленило“ ја најавува активноста во Град Скопје и постапува според издаденото Решение.

Оваа постапката се извршува според член 29 од Законот за урбано зеленило.

Инаку, при последнето невреме во вторникот паднале над седумдесет дрвја, а теренските екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ интервенирле на над осумдесетина пријави на паднати дрвја и гранки.

– Се уште пристигнуваат пријави каде расчистувањето на теренот го продолжуваме со интензивни активности каде се вклучени и екипите од сите реони – информираат од ЈП „Паркови и зеленило“.

(А.П.)