Дрвото што го повреди деветгодишното момче било гнило

50

Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ во саботата итно го отстранило остатокот од паднатото дрво кое повреди десетгодишно дете, бидејќи поради неговата старост, претставувало сериозна опасност за сите минувачи во тој дел на Карпош 3.

Тоа, како што информираше Општина Карпош, било сторено по наредба на јавното обвинителство.

-Вештачењето извршено од стручно лице потврди дека станува збор за „канадска топола“, дрво чиј век на траење е околу 16 години, а според проценката на стручни лица, дрвото било старо меѓу 30 и 40 години, што значи дека иако имало жив корен и делумно зелени гранки, неговото стебло било во фаза на распаѓање, поради што претставувало сериозна опасност за околината – соопштија од локалната самоуправа.

Оттаму додаваат дека за жал, сè уште има канадски тополи на територијата на општина Карпош, иако како што велат, Градот Скопје од истите (безбедносни) причини пред неколку години спроведувал акција за целосно отстранување на овој тип дрва од градското подрачје, при што биле отстранети повеќе од 800 на територија на Скопје.

Од Општина Карпош бараат одговор од Град Скопје: Зошто оваа опасност сè уште целосно не е отстранета од територијата на општина Карпош и до кога карпошани ќе треба да се движат под ризик да настрадаат од исушени и болни дрва?

Воедно, ги демантираат тврдењата на Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ кои во изминатите денови, како што нагласуваат, наместо да направат план како да го намалат ризикот од болни и исушени дрва и да ја зголемат безбедноста на граѓаните, тие ја префрлаат вината на општина Карпош, затоа што наводно требала да поднесе барање за да го исечат дрвото.

-Членот 29, став 1 од Законот за урбано зеленило, јасно укажува дека Град Скопје имал обврска да постапи по службена должност, а не да чека пријава, особено затоа што не станува збор за суво дрво или гранка, кое може го увиди и лаик, туку за тип на дрво кое треба да биде препознаено од стручни лица, какви што има само во ЈП „Паркови и зеленило“ – образложуваат од Општина Карпош.

При тоа, сметаат дека јавноста треба да биде запознаена и со фактот дека во 2022 година, Општина Карпош доставила до Град Скопје листа со барање за кастрење и сечење на дрва на територија на целата општина.

-Само во Карпош 3 мапирани се повеќе од 70 исушени дрва, кои се потенцијална опасност за карпошани. Очекуваме од ЈП „Паркови и зеленило“ да соопштат по колку од овие пријави е постапено – реагираат од локалната самоуправа.

Од весникот ВЕЧЕР пред неколку дена, од ЈП „Паркови и зеленило“ побаравме објаснување од ЈП „Паркови и зеленило“ за тоа: Кои дрвја се маркираат за сечење? . Колку дрвја во моментот има маркирано за сечење?. Дали до сега граѓани побарале отштета заради повреда од паднато дрво или оштетен автомобил од дрво? Колку средства ЈП „Паркови и зеленило“ до сега исплатило како отштета на барање од граѓани? Каква е постапката и кој има право на отштета поради потврда од паднато дрво или оштетен автомобил од паднато дрво? И  Има ли ЈП „Паркови и зеленило“ регистар за тоа кои дрвја се стари или имаат поплитки корења?, но оттаму до сега не добивме никаков одговор.

(А.П.)

ИЗДВОЕНИ