Попладнево потешко е повреден малолетник кој случајно поминувал во паркот меѓу улицата „Никола Русински“ и „Карпошево Востание“ и врз него паднало дрво.
За жал, малолетникот има повреди на телото. Пренесен е во Ургентен центар.
Како што информираат од Општина Карпош, инцидентот се случил само на пет метри од пунктот на ЈП „Паркови и зеленило“ кое, како што велат е должно, согласно Законот за локална самоуправа, да го исече ова дотраено дрво.
-Одговорноста на „Паркови и зеленило“ е уште поголема зошто истото дрво било обележано и тоа подолго време за сечење, меѓутоа, како и во стотици други случаи јавното претпријатие и Градот Скопје остануваат глуви на барањата на Општина Карпош и на граѓаните – потенцираат од Општина Карпош.
Оттаму бараат, Министерството за внатрешни работи да го документира овој немил настан, да се утврди одговорноста и за истата да се сносат правни последици.
Предупредуваат дека вакви немили настани ќе се случат и во градинките како резултат на тоа што, како што нагласуваат Владата не одобрува вработувања на негувателки, воспитувачки и технички персонал на сите оние кои веќе заминале во пензија.
Од Општина Карпош апелираат до надлежните државни институции дека си играат со здравјето на децата и не би било добро откако ќе се случи немил настан да се решаваат проблемите и да се бара одговорност, зошто како што велат, здравјето и безбедноста на децата немаат цена.