Дрвата за огрев најмногу загадуваат в зима, сообраќајот в лето

50

Истражувањето спроведено во пет града од внатрешноста  покажало дека во зимските месеци аерозагадувањето најмногу е предизвикано од согорувањето на дрва што се користат како огрев, а во летно време, од сообраќајот. Ова истражување е дел од проектот справување со аерозагадувањето во пет општини во внатрешноста на државата: Струмица, Струга, Куманово, Кавадарци и Гостивар.

Идентификувани се главните извори на загадувањето и дефинирано е учеството на поединечните извори во тоа вкупно аерозагадување.

– Идентификувавме шест главни фактори, а тоа се: согорувањето на биомаса или дрва, минералната прашина (поврзана со градежништво и ресуспензија на прашина од улиците, еолската ерозија од ветарот), сообраќајот, специфичен извор е оган на отворање и согорување на отпад којшто го забележуваме насекаде во државата, согорување на нафта и мазут којшто најчесто се користи за затоплување на јавните институции – појасни професорот Дејан Мираковски.

Убедливо најголемо учество има согорувањето на дрва, околу 30 отсто, во зимските месеци, а во летните  – сообраќајот. Тој појасни дека Струга нормално е во летните месеци да покажува зголемено аерозагадување од сообраќај, со оглед на тоа што е туристичко место, а сите опфатени градови се во внатрешноста, каде голем процент од затоплувањето на домовите доаѓа од согорување дрва.

– Карактеристичен е изворот на загадување од согорување на отпад на отворено, тука се вклучува согорувањето на отпад од земјоделски производи, а тоа се јавува во текот на пролетните и летните месеци, како и во есенскиот период – додава тој.

Прашан дали овие показатели ќе бидат земени предвид за решавање на проблемот, тој рече дека за Скопје имале истражување, но не е сигурен дали се преточени во мерки.

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити истакна дека за ефикасно решавање на аерозагадувањето, клучно е да се разбере коренот на проблемот.

– Затоа сме тука да ги слушнеме од експертите и академската фела резултатите од темелната анализа за откривање и идентификација на локалните извори на загадување на воздухот. Тие се од големо значење за формирањето на приоритетни политики, мерки и акции што се итно потребни во нашата заедничка борба со аерозагадувањето – изјави Меџити.

Според постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан загадувањето на воздухот е значаен предизвик за земјата, а УНДП со финансиска поддршка на Шведска интензивно работи на изнаоѓање соодветни решенија.

– Во соработка со бројни институции и организации, ги споивме науката, знаењето, институционалната поддршка, визијата и оптимизмот. Во 2020 година за прв пат во Северна Македонија спроведовме сеопфатен циклус на истражувања. Користејќи модерна опрема финансирана од Шведска специјално за оваа намена, собраните материјали беа анализирани и беше изработена првата студија за распределба на извори во земјата од ваков вид. Оваа година, истражувањето беше спроведено во пет општини и резултатите ќе ги водат нашите идни напори за подобрување на квалитетот на воздухот – изјави Григорјан.