Заменик директорот на Македонија Пат Сашо Дранго кој се сликаше со уловена мечка држејќи пушка во раката, иако немал дозвола за оружје, во текот на неделата ќе биде повикан во битолското јавно обвинителство на распит.
На прашањето на ВЕЧЕР, зошто толку долго чекаше надлежниот обвинител да го повика Дранго на распит, од ОЈО ни беше одговорено дека се чекала фотографијата од МВР и утрвдување на локацијата од направената снимка.
Случајот го обелодени невладината организација за заштита на животните „Анима Мунди“ од каде пред Нова Година објавија дека заменик-директорот на „Македонија пат“, Сашо Дранго, се фотографирал со мечка и носи пушка со снајперски нишан, поради што тврдат дека ја застрелал во декември 2024 година. Од „Анима Мунди“ посочија дека мечката е класифицирана како дивеч под заштита и нејзиното ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането за што е предвидена и затворска казна. Од невладината организација поднесоа и кривична пријава против Дранго, кон која пред некој ден се приклучи и таа поднесена од партијата Левица. Подносителите бараат и негово разрешување од функцијата.
-Пријавениот во декември 2024 година, додека бил на лов, иако како ловец знаел или требало да знае дека согласно Законот за дивечот и ловството трајно е забранет ловот над мечките кои се класифицирани како дивеч под заштита и чиешто ловење е дозволено само со дозвола на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во исклучителни случаи, а за време на кривичниот настан Министерството нема издадено таква дозвола, но и покрај тоа уловил редок дивеч-мечка и воедно со истиот улов се фотографирал во знак на „триумф” – велат од Левица.
По објавата заменик директорот на Македонија пат во изјава за една национална телевизија кажа дека тој не ја застрелал мечката, туку дека таа била жртва на сообраќајна несреќа. Дранго и вработените во „Македонија пат“ само ја тргнале од коловозот на патот Битола-Ресен, по што тој се сликал со неа. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе следи одговорност за заменик-директорот на „Македонија пат“ Сашо Дранго, ако се утврди дека тој ја застрелал мечката со која се фотографираше во декември. (П.А.)