Драмски театар денес го објави Конкурсот за доделување на наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од македонски млад автор, која од годинава ја востановува во чест на големиот македонски драмски писател. Конкурсот што ќе трае заклучно со петнаесеттиот ден од објавувањето, е поставен на веб-страницата на Драмскиот театар – Скопје.
Директорот Роберт Вељановски ја истакна радоста и едногласната поддршка на ансамблот што токму Драмски ја востановува наградата „Горан Стефановски“ од причина што тој „го имаше Драмски за свој театар“.
Од 1974 година, кога се постави праизведбата на „Јане Задрогаз“ во режија на Слободан Унковски до праизведбата на „Огнени јазици“, исто така во режија на Унковски“ во 2013, на сцената на Драмски се поставени импресивна бројка од 15 негови премиери, а осум од нив се праизведбени постановки. Станува збор за „Диво месо“ праизведба во 1979 во режија Унковски, „Хај-фај“ премиера во 1983 во режија Љубиша Георгиевски, „Дупло дно“ премиера во 1984 во режија Унковски, „Тетовирани души“ праизведба во 1985 во режија на Паоло Маџели, „Кула Вавилонска“ праизведба во 1990 во режија Унковски, „Чернодрински се враќа дома“ праизведба во 1992 повторно во режија на Унковски, „Сега му е мајката“ праизведба во 1995 во режија Димитар Станковски, „Диво месо“ премиера во 2000, во режија на Александар Поповски, „Тетовирани души“ премиера во 2001, во режија на Сашо Миленковски, „Жив чоек / Everyman“ премиера во 2004, во режија на Дејан Дамјановски, „Лет во место“ премиера, во 2005 режија на Љупчо Ѓорѓиевски, „Демонот од Дебар Маало“ праизведба во 2006 во режија на Унковски, како и „My Name is Goran Stefanovski“ (компилација на фрагмети од драмите „Црна дупка“, „Лонг плеј“, „Сараево“, „Казабалкан“, „Хотел Европа, „Евроалиен“ и „Одисеј“), премиера во 2022 во режија на Бранислав Миќуновиќ.
Како што посочија од Драмски, во духот на поддршката што овој театар ја имал во минатото со поставување на театарски претстави на драмски текст на млади автори, од оваа година ја востановува наградата „Горан Стефановски“, за најдобар драмски текст од македонски млад автор до 30 години возраст. Наградата ќе се избира по пат на Конкурс во кој е опишана формата и содржината на пријавата за конкурирање, како и начинот на спроведување на постапката за избор. Конкурсот ќе биде јавно објавуван секоја година преку медиумите и на веб-страницата на Драмски. Рокот за поднесување на пријава и останатата потребна документација е 15 дена, од денот на објавувањето на Конкурсот. За спроведување на изборот за најдобар драмски текст е задолжена Комисија од 5 члена, а авторот на наградениот драмски текст ќе биде објавен на прес-конференција во пресрет на 27 април, денот кога бил роден Горан Стефановски. Право на учество имаат автори кои се македонски државјани и се на возраст до 30 (триесет) години, сметано до денот на завршување на пријавувањето.
-Конкурсот има за цел да ја афирмира современата македонска драма, да го поттикне македонското драмско творештво и да го одржи континуитетот на македонското драмско писмо. Пријавениот драмски текст треба да биде неизведуван и да биде оригинално авторско дело, а не драматизација или адаптација на романи, новели или мотиви на постојни драмски дела. Добитникот на наградата ќе потпише авторски договор со НУ Драмски театар Скопје, согласно со кој театарот се обврзува да го инкорпорира наградениот драмски текст во предлог-програмата на театарот и да го продуцира со изведба на малата сцена или на сцената „Ристо Стефановски“ во театарот, во рок од две години сметано од денот на завршување на Конкурсот. Добитникот ќе добие еднократна парична награда во висина од 60.000,00 денари, а авторот се обврзува да не го отуѓува текстот, поточно авторското право на други правни и физички лица сè до праизведбата во Драмски театар Скопје, додаваат од театарот.
Како што посочија оттаму, идејното решение за Конкурсот е направено од Дарија Пројковска и Бранко Прља, со помош на вештачка интелигенција, со идеја да се мотивираат што повеќе луѓе да ги користат АИ моделите во други креативни проекти.