Драмски театар со претставата „Драми на принцезите“, на 1 февруари, гостува во Словенија, во рамки на словенечкото издание на регионалниот театарски фестивал „РУТА“, што од 29 јануари до 3 февруари се одржува во организација на Местно гледалишче Љубљана.

Претставата е работена по циклусот постдрамски текстови „Драми на принцезите“ со поднаслов „Смртта и девојката“ на нобеловката Елфриде Јелинек. Режијата е на Жива Бизовичар, прв драматург е Ник Жнидаршиќ, a сценограф и автор на музиката Јан Крмељ, а костимограф Александар Ношпал. Ликовите ги играат актерките на Драмски: Јелена Жугиќ, Нина Елзесер, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Сара Климоска, Трајанка Илиева-Вељиќ, Ивана Павлаковиќ и Јасмина Василева.

Режисерката Жива Бизовичар посочува дека циклусот постдрамски текстови „Драми на принцезите“ Јелинек го пишува на преминот на векот и го завршува во 2002 година, како феминистичко дополнување на бајките на браќата Грим.

-Во циклусот, Снежана и Трнорушка веќе не се беспомошни девојки препуштени на милост и немилост на мажите, туку жени кои сакаат да ја избегнат смртта иако знаат дека обидот е осуден на пропаст. За разлика од нив, Џеки (Оназис) е смрт сама за себе. Ракот ја глода, а таа, претворена во статуа, на публиката ѝ ја раскажува својата „вистинска“ приказна: била принудена да стане совршена жен(ск)а, префинета слика, темнина во која не може да проникне ниту светлината на Мерилин Монро, која ја прогонува. Во Ѕидот, последниот дел од циклусот,  Ингеборг Бахман и Силвија Плат, две големи писателки кои ги засенија своите мажи кои исто така беа писатели, се обидуваат да го пресоздадат светот, додава режисерката.

Премиерата на „Драми на принцезите“ беше на 15 ноември 2024 и досега е изведена шест пати на сцената „Ристо Стефановски“ во Драмски театар Скопје. Гостувањето во Местно гледалишче Љубљана е прва изведба на претставата во странство.

ИЗДВОЕНИ