Македонската музичка ѕвезда Драган Мијалковски наполни 75 години. Роденденот го слави скромно, каков што е и самиот, во кругот на семејството во Скопје. Во својот убав стан во „Градски ѕид“, во една од кулите во која со години живее со сопругата Ели. Со неа има одличен брак, што инаку претставува реткост на естрадата, а имаат ќерка и син, познатиот Дарко Мијалковски, кој од пред некоја година си замина за Австралија.
Зад Драган е неговата величествена 60-годишна кариера исполнета само со успеси и незаборавни хитови, македонски, српски, руски, хрватски: „Кажи нешто, драга“, „Скопје младост моја“, „Оди си“, „Моја малечка гулабице“,“Фортуна“, „Иди душо моја“, „Перонот три“, „Бегај, Марија“, „Лебеди пловете“,„Дојди Лено на перниче бело“, „Убава си како музика“, „Кажи ми“, “У малом граду покрај Дунава“… и многу други…
Соработуваше со композиторите: Тодор Бојаџиев, Ванчо Димитров, Војкан Борисављевиќ, Никица Калоѓера, Драган Ѓаконовски-Шпато, Кире Костов, Димитар Масевски, Зденко Руњиќ, Горан Алачки…со чии песни учествуваше и честопати победуваше на најзначајните екс-ЈУ музички фестивали во Белград, Сплит, Загреб, Сараево, Љубљана, Опатија, Скопје, Валандово .… (Д.М.)