Драчево ќе добие еден од најголемите и најсовремени фитнес-центри во Македонија

72

Драчево ќе добие нов, модерен спортски објект. Започна изградбата на еден од најголемите и најсовремени фитнес и бодибилдинг-центри во Македонија.

Од Општина Кисела Вода информираат дека новиот објект, „Olympia Fitness“, ќе се простира на површина од 2.850 квадратни метри и претставува приватна инвестиција вредна над еден милион евра. Центарот ќе понуди врвни услови за тренинг, здрав живот и за спортски дух, а ќе отвори и нови 20 работни места за жителите на Општината.

– Ова е инвестиција вредна над еден милион евра, која ќе создаде 2.850 квадратни метри софистициран простор за спорт и рекреација и ќе обезбеди нови работни места за околу 20 наши сограѓани. Ова ќе биде центар што ќе им овозможи на граѓаните врвни услови за тренинг, здрав живот и спортски дух – истакна градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Тој потенцираше дека ваквите проекти не се случајност, туку резултат на зголемената доверба што Општина Кисела Вода ја има стекнато кај инвеститорите во последните неколку години.

– Кисела Вода е препознаена како средина што нуди стабилност, транспарентност и поддршка за сите што сакаат да вложат и да градат. Нашиот пристап е јасен: работиме законски, посветено и со визија за подобра иднина – наведе Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека изградбата на „Olympia Fitness“ е само дел од поголема стратегија за развој на спортската инфраструктура во Општината.

– Во изминатите три и пол години, се работеше интензивно на изградба и реконструкција на спортски терени, сали и центри во Кисела Вода. Како градоначалник, силно сум посветен на изградбата на спортска инфраструктура. Во изминатиот период, работевме на изградба и реконструкција на спортски терени, спортски сали и спортски центри во целата Општина, а привршува и целосната реконструкција на салата „Расадник“. Создаваме нови простори каде што спортот и рекреацијата ќе станат достапни за сите, бидејќи здравата младина и активното население се основа за силна заедница – рече Ѓорѓиевски, потенцирајќи дека со овој нов проект, Драчево добива не само нова локација за тренинг и спорт туку и симбол на развојот и визијата за една поинаква, модерна и функционална општина.

ИЗДВОЕНИ