Познатиот професор и епидемилог др. Драган Даниловски по којзнае кој пат е жртва на лажни реклама, но овој пат во лажното интервју за некој безвреден и прескап чај се појавува и неговиот идентичен глас. Др. Даниловски за весникот ВЕЧЕР вели дека ова е прв пат кај нас да се користи вештачка интелигенција за имитирање на нечиј глас во, како што самиот вели криминални цели.
-Повторно ми го злоупотребуваат името за продажба на некаков фамозен чај! Сакам да ги предупредам граѓаните да не наседнуваат на вакви реклами кои можат да бидат опасни, па дури и да ги чинат живот, измислено е сѐ!, изјави др. Даниловски за весникот ВЕЧЕР.
Со морбиден наслов “Скандал во Македонија: Експлозија во станот на доктор Драган Даниловски ја заплаши целата земја “, во воведот на квази интервјуто се „објаснува“ дека тој е наводно е атакуван од фармацевтските компании за кои како што пренесуваат ги сметал за „мафија која заработува на човечкото страдање, продавајќи скапи лекови кои не ги решаваат вистинските проблеми. Тој разви нов производ, кој е способен да ги чисти крвните садови и да го продолжи животот за 10-15 години, но големите фармацевтски корпорации го блокираат неговото дистрибуирање“. Ова вели, др Даниловски е тотална, гнасна измама! Вели, се дрзнале уште да напишат “докторот е убеден дека со правилно чистење на крвните садови, може да се живее до 100-120 години„!
-Страшно е ова со можностите што вештачката интелигенција ги отвора. Оваа имитација на мојот глас и не е толку добро направена, но замислете кога би било подобро! Тогаш, и да се демантира е залудно, тешко би можело да се разубедат граѓаните дека ова не е „вистина“, вели др Даниловски.
А само пред неколку месеци, епидемиологот и тогаш претставен како кардиолог, со модро лице во болнички кревет беше исто така злоупотребен во реклама. Тога, исто така за весникот ВЕЧЕР изјави дека монтираната фотографија дополнително ги вознемирила неговите блиски и пријателите.
Интернет просторот е преплавен со содржини кои не само што не се вистинити, туку и сериозно може да наштетат на граѓаните доколку посегнат по некој од препаратите што се нудат. А досега, исто или слична непријатност како професорот Даниловски доживеаа и други еминентни доктори како што се Никола Пановски, Вело Марковски и Маја Мојсова…
Сите побарале и правна разврска на случаите, а по долга институционална борба, професорот Пановски, во февруари годинава, успеа да извојува и судска победа.
– Конечно, по една и пол година, донесена е правосилна пресуда за злоупотреба на личните податоци заради промоција на чаевите ПАРАЗОЛ и ХИПЕРТЕА на Дејан Јовановски, како одговорно лице е казнет со 2.100 евра, а фирмата увозник и дистрибутер МОНАД ПЛУГ ДООЕЛ Скопје со 5.000 евра. Правдата е делумно задоволена. Имено, фирмата и осудениот и понатаму работат, тоа што го заработиле криминално, ќе го вратат за недела дена. Демек, немало како да ги судат за измама на граѓаните, да им забранат дејност, немало основ во законите за овој интернет-криминал, туку само за злоупотреба на личните податоци. Сега продолжувам во граѓанска постапка да барам отштета од 15.000 евра за злоупотребата и душевната болка што ми ја сторија – наведе тогаш д-р Пановски.
На мета на овие т.н. реклами со лажна содржина се наши еминентни лекари, чиј идентитет е злоупотребуван за продажба на „чудотворни“ препарати што „лечат“ разни состојби. Освен лекари, на удар на овие виртуелни „продавачи“, се и пејачи, актери…, познати новинари и влијателни медиуми.
(Е.А.)