Основниот Кривичен суд Скопје го осуди на доживотен затвор Елвин Куртовиќ, отако претходно призна вина за убиството позади трговскиот центар „Мавровка“ на 20 август минатата година. Судијката Моника Бахчовановска, пред објавата на пресудата прочита вештачење од психијатар на обвинетиот, во кое се оценува дека е психички здрав и со нормална интелигенција.
– Вештачењето покажува дека од увидот во казнената евиденција од 16 години е осудуван за кражби, насилство, сообраќајки, фалсификување, а имал и пресуди во странство. Од почетокот на адолесценцијата имал проблеми и асоцијалност, изразено непочитување на социјални норми и невозможно одржување на трајни релации, ниска толеранција и склоност кон насилство. Кога го сторил кривичното дело бил во секој момент пресметлив и со уредно психичко здравје, изјави судијката Бахчовановска.
Обвинетиот Елвин Куртовиќ, пред да го стори убиството, издржувал казна затвор, но бил пуштен на викенд и не се вратил во „Идризово“ во дадениот рок. Во понеделникот на првото рочиште изрази жалење за стореното и кажа пред судот дека неколку дена бил под дејство на кокаин. Тој не призна вина за другите две дела „нелегално поседување на оружје“ и „обид за убиство“ на полицајците кои беа во потрага по него на критичниот ден. Според обвинението, лицето се товари за убиство, убиство во обид и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи. Според ОЈО Скопје, обвинетиот, на 20 август 2024, позади трговскиот центар „Мавровка“, од користољубие, со истрел од пиштол, го убил Васил Ефтимов, по што со пиштолот се заканил и на неговата сопруга и ја одзел ташната која ја носела на рамо и една гајба во различни бои покриена со шаторско крило во која имало различен рачен алат, а која оштетените ја имале во возилото. Подоцна во текот на истиот ден, кога полицајците го пресретнале обвинетиот заедно со уште едно лице во автомобил на улицата „Стојна Стефкова“ во Скопје, тој излегол од совозачката врата и кон четворицата полицајци испукал три куршуми во обид да ги убие.