Повремените врнежи што деновиве ја зафатија земјава се корисни и добредојдени за сите земјоделски култури, велат агрометеоролозите. Објаснуваат дека поради долгиот сушен период во изминатиот период и високите температури, дождот ќе го подобри водно-физичкиот режим на почвата и ќе ја зголеми нејзината влажност што беше намалена.

Според агрометеоролозите на УХМР, побарувањата на вода се големи речиси кај сите земјоделски култури.

– Влажноста на почвата е многу значаен фактор за одгледување на земјоделските култури и за остварување квалитетен принос. Побарувањата од вода се големи речиси кај сите земјоделски култури, а токму овие количества врнежи, кои паѓаат и паднаа во изминатите денови, ќе бидат потребни и корисни и за предсеидбена подготовка на почвата кај есенските култури што има значење за постигнување високи приноси – истакнуваат агрометеоролозите.

Врнежите ќе придонесат за дополнување на вештачките акумулации кои беа со намалено ниво на вода, како и за подобрување на општата хидролошка состојба во земјава.

– Се препорачува земјоделските производители да продолжат со активностите и грижата за нивните посеви – напоменуваат агрометеоролозите на УХМР.

Оттаму известија дека во следните денови ќе се задржи променливо облачно време со врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни и поројни, проследени со појава на грмежи. Во деновите од викендот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за слаб локален дожд во планинските региони. Дневната температура ќе биде во постепен пораст.