Општина Шуто Оризари ќе им излезе во пресрет на своите жителите, а во насока на продолжување на работата за одржување чиста средина. Таа ќе постави големи контејнери на сите критични точки во Општината, во кои граѓаните ќе може да го фрлаат својот отпад доколку не се опслужени од Градот, а службите на Град Скопје, како надлежни, ќе мора редовно да ги одржуваат и да ги празнат.
– Ги замолуваме сите граѓани што се соочуваат со проблем од областа на редовниот комунален сервис од Град Скопје, да предложат локации за поставување на контејнерите – порача градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш.
Контејнерите се добиени во рамките на аплициран и добиен проект на Општината од Министерство за животна средина.
Градоначалникот Дудуш ѝ се обрати на скопската градоначалничка, Данела Арсовска, дека доволно долго ѝ го криел срамот и оти, поради нефункионирање на Град Скопје и нередовно подигање на комуналниот отпад од Шуто Оризари, граѓаните од Општината се принудени да го фрлаат својот отпад на улица и со тоа да се создаваат диви депонии.
– По протестот на граѓаните со поддршка од Општината, со кој се искажа револтот на граѓаните за нефункционирањето на ЈСП, како знак на „реваншизам“, сите инспектори на Град Скопје се во Општина Шуто Оризари и ги следат нашите комунални активности и работници, кои ја вршат работата на Градот во ситуација кога е заборавена Општината од Данела – напиша Дудуш.
(А.П.)