Дополнително зголемување на минималецот од 1.000 до 9.000 денари, ако државата ги плати придонесите

Владата ги стави на тест социјалниот дијалог и демократијата и им дозволи на работодавците и на синдикатите сами да креираат амбиент за минималната плата. Зголемување на минималната плата во март, секако, ќе има и, според проценките, законското усогласување ќе биде околу 1.800, односно од 22.567 минималецот ќе се качи на 24.400 денари. Работодавците велат дека ќе има дополнително зголемување од 1.000 до 9.000 денари, но ако државата ги плати придонесите за тоа зголемување. Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, на брифинг со новинарите, одговори кратко дека договорот за минималната плата останува во рацете на работодавците и на синдикатите

1033

Владата даде зелено светло работодавците и работниците сами да се договорат околу висината на минималната плата. Што и да се договорат, Владата ќе прифати. Од Бизнис-конфедерацијата на Македонија велат дека на овој начин Владата ги става на тест социјалниот дијалог и демократијата и им дозволува на работодавците и на синдикатите сами да креираат амбиент за минималната плата. Зголемување на минималната плата во март, секако, ќе има и, според проценките, законското усогласување ќе биде околу 1.800, односно од 22.567 минималецот ќе се качи на 24.400 денари. Работодавците велат дека ќе има дополнително зголемување од 1.000 до 9.000 денари, но ако државата ги плати придонесите за тоа зголемување.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, на брифинг со новинарите, одговори кратко дека договорот за минималната плата останува во рацете на работодавците и на синдикатите.

– Владата ќе ја поддржи онаа методологија што е усогласена и потпишана од двете страни, работодавците и работниците. Ако се договорат двете страни за нова методологија, односно нова пресметка за минималната плата, ние ќе ја поддржиме – изјави Дурмиши.

Од Владата го повторија ставот дека нема да наметнуваат административни одлуки, туку овозможуваат конструктивен дијалог за усогласување на износот на минималната плата. Со ова, покажува дека им е посветена на фер економските политики, засновани на принципите на слободниот пазар и конструктивниот дијалог меѓу социјалните партнери. Во моментов, минималната плата во Македонија изнесува 22.567 денари. Согласно со законските одредби, се очекува да се зголеми оваа сума на 24.400 денари или приближно 400 евра во март годинава. Но, синдикатите, уште пред да дојде на власт, побараа од новата Влада во првите сто дена да ја покачи минималната плата на 450 евра.

Работодавците велат дека ќе ја зголемат минималната плата од 1.000 до 9.000 денари доколку Владата ги покрие придонесите. Но, ставот на Владата е дека нема да плаќа дел од придонесите, бидејќи тие се обврска на работодавците.

– Законско усогласување на минималната плата во март, секако, ќе има и таа ќе се зголеми за околу 1.800 денари. Ние можеме да ја зголемиме дополнително од 1.000 до 9.000 денари, но придонесите за тоа зголемување треба да ги плати државата. Може и да не се договориме и државата да не прифати да ги плати придонесите. Во тој случај, ќе остане само законското зголемување – изјави за весникот ВЕЧЕР Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија.

Тој вели дека доколку се договорат за нова методологија за висината на минималната плата, таа да остане на сила една година, а потоа да нема договори и преговори околу минималецот и тој да се зголемува согласно со оваа методологија. Како што вели Бошков, се очекува наредната година да има добар економски раст, кој автоматски ќе значи и раст на минималната плата.

Во државата, на минималец се околу 35 илјади работници, вработени во микро и во мали компании и самостојни вршители на дејност – занаетчии.

– Прв пат Владата одигра мудро, со тоа ги стави на тест социјалниот дијалог и демократијата и им дозволи на работодавците и на синдикатите сами да креираат амбиент за минималната плата. Ако не се договориме, ќе остане само законското усогласување. Но, се плашам дека доколку има поголемо покачување на минималецот, да не почнат газдите да отпуштаат работници или да ги пријавуваат на скратено работно време, а работниците да работат на црно – вели Бошков.

И порано беше преземена мерка покривање на придонесите од страна на државата и корист од неа имаа околу 284 илјади работници, на кои не им се намалија платите откако беше укината во ноември 2023 година.

Претставниците на Стопанската комора на Северозападна Македонија дадоа предлог таа да се покачи и на 500 евра, но под услов државата да покрие дел од давачките за придонеси, предлог што е неприфатлив за Владата.

(А.С.)

 

 

ИЗДВОЕНИ