Дополнителни 50 милиони евра за нови водоводи, канализации, патишта

50

Нови 50 милиони евра Министерството за животна средина и просторно планирање обезбеди од Европската инвестициска банка што ќе им бидат ставени на располагање на општините за решавање на инфраструктурни проекти, а особен акцент ќе биде ставен на изградба на нови водоснабдителни и канализациони системи.

– Како и предходно, со фондот од 100 милиони евра, овие средства нема да бидат распределени само на некои општини, туку на сите локални власти без разлика. Средствата ќе бидат распределени според утврдената методологија и претставуваат неповратни субвенции за општините – објаснија од коалицијата ВРЕДИ.

Оттаму посочуваат дека овој фонд ќе опфати и други различни развојни проекти насочени кон: Подобрување на патната инфраструктура, изградба и одржување на патишта за олеснување на сообраќајот и поврзувањето меѓу општините.

– Како и проекти за зачувување и заштита на животната средина за да се гарантира одржлива иднина за идните генерации. Затоа ги повикуваме општините да аплицираат за овие средства со потребната документација, за да им излеземе во пресрет на барањата на граѓаните. Коалицијата ВРЕДИ, со распределба на средства во општините каде што гравитираат Албанците, ќе обезбеди општините да имаат автономија да управуваат со инвестиции и капитални проекти во интерес на благосостојбата на граѓаните – потенцираа од ВРЕДИ.

Од Општина Аеродром нагласуваат дека веќе работат на проектна документација за изградба на водовод и канализација на улиците „Ѓорѓи Капчев“, „Тодор Чангов“ и „Божин Николов“.

Општина Кисела Вода ќе добие 600.000 евра, пари за остварување на мега проектот за водоснабдување на Стаклара – Каменик. Ова, како што нагласи градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, исто така ќе значи и дека по завршување на градежните активности, се затвора поглавјето со подземна инфраструктура и Стаклара конечно, ќе биде последното населено место без соодветно водоснабдување.

Општина Гази Баба, пак, аплицираше со проектот „Изградба на фекална мрежа во населеното место Гоце Делчев II фаза”. Од Европска инвестициона банка преку Министерството за животна средина, оваа општина ќе добие 512.500 евра, а општината ќе кофинансира 167.000 евра.

– Со реализација на овој проект секое семејство во населеното место Гоце Делчев ќе добие фекална канализација со што ставаме крај на уште еден децениски проблем за граѓаните – истакна градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.

(А.П.)

ИЗДВОЕНИ