На последната седница на Советот на Град Скопје во оваа година, беше изгласана одлуката за изменување на одлуката за примање донација од УНОПС, бидејќи, како што е наведено, во неа се случиле грешки што се однесуваат на бројот на шасијата на еден од автобусите, како и на бојата на автобусите, каде што наместо црвена, била запишана сина боја. Другата одлука што е изгласана е за изменување на одлуката за пренесување на правото на сопственост на шесте автобуси со компримиран природен гас на ЈСП, со што, всушност, и се решаваат овие грешки во документацијата
Шесте екоавтобуси што ги доби Град Скопје како донација од УНОПС, преку проектот „ЕУ за чист воздух“, сè уште не се пуштени во сообраќај. Пред еден месец, на свеченост во јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП), тие му беа предадени на Градот, кој потоа му ги префрли на претпријатието. Тогаш беше кажано дека овие едноподни автобуси на компримиран природен гас (ЦНГ) ќе може да се видат низ скопските улици за една недела, откако ќе помине процедурата за обезбедување на сите потребни документи. Помина еден месец, и ниту од Град Скопје ниту од ЈСП има информација кога ќе се случи тоа.
На последната седница на Советот на Град Скопје во оваа година, беше изгласана одлуката за изменување на одлуката за примање на донацијата од УНОПС, бидејќи, како што е наведено, во неа се случиле грешки што се однесуваат на бројот на шасијата на еден од автобусите, како и на бојата на автобусите, каде што наместо црвена, била запишана сина боја. Другата одлука што е изгласана е за изменување на одлуката за пренесување на правото на сопственост на шесте автобуси со компримиран природен гас на ЈСП, со што, всушност, и се решаваат овие грешки во документацијата.
Уште при примопредавањето на автобусите, беше воочено дека на нивните ориентациски налепници на македонски, албански и на англиски јазик од странскиот инвеститор има правописни грешки на албански и на македонски јазик. Тоа тогаш го соопштија од Министерството за животна средина и просторно планирање. Но, како што известија оттаму, веднаш се изготвени нови налепници од УНОПС со кои ќе бидат заменети првичните пред пуштањето во употреба на шесте еколошки автобуси наменети за подобрувањето на квалитетот на воздухот во градот Скопје.
– Град Скопје и УНОПС на 6.8.2024 година потпишаа меморандум за разбирање со кој се согласија заедно да работат на проект што има цел подобрување на квалитетот на воздухот. Стратешкиот план на УНОПС 2022-2025 година ја зајакнува посветеноста да придонесе, со експертиза, во проширувањето на капацитетот за имплементација за поддршка на земјите во развој и на нивните капацитети и бази на ресурси за целите за одржлив развој, да им помогне на луѓето на кои им е потребна помош преку ефективна експертиза и да им овозможи на партнерите ефикасни проектни услуги – се наведува во образложението на одлуките за изменување на одлуката за примањето на донацијата од УНОПС и за пренесување на правото на сопственост на шесте автобуси со компримиран природен гас на ЈСП.
Притоа, се додава дека од донаторот, УНОПС, било доставено барање до Град Скопје за донација, каде што е направен превид со гореизнесените измени, односно бројот на шасијата за еден автобус не одговара целосно со документацијата добиена при испораката, како и бојата.
За тоа кога ќе бидат достапни овие автобуси за граѓаните, останува да се види.
На последната седница на Советот на Град Скопје, повторно не беа изгласани предлозите од градоначалничката Данела Арсовска за набавка на нови автобуси со пари од буџетот на Град Скопје, ниту предлогот за набавка на еколошки автобуси со кредитно задолжување на Градот од 930 милиони денари кај некоја од домашните банки.
Ова не беше прифатливо за големото мнозинство советници, не само за оние од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата туку и за советниците од СДСМ, чија координаторка, Љубица Јанчева, јавно кажа дека нема да гласаат за овој предлог.
Според неа, во услови кога е обезбеден кредит од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој во кои е вкалкулирана и набавка на 60 еколошки автобуси, непотребно е ново кредитно задолжување на Градот.
(А.П.)