Издавачката куќа „Антолог“ како дел од своите заложби за рамноправен пристап до културните содржини, ја спроведува акцијата „Секој збор заслужува да биде прочитан!“, во рамки на која се донираат книги на Брајово писмо во библиотеките и институциите што работат со лица со оштетен вид.
„Книгите на Брајово писмо претставуваат суштинска алатка за едукација, културен развој и лична надградба на лицата со оштетен вид. Изработени со специјални релјефни точки што можат да се читаат со допир, тие им овозможуваат на корисниците подеднакво да уживаат во литературата, стекнувајќи знаење и инспирација. Процесот на нивна изработка бара прецизност и посветеност, со цел да се обезбеди јасност и квалитет на печатот, што е од клучно значење за лесно читање“, велат од Антолог.
Во рамки на проектот „Создадено во Европа: Moќта на различноста“, а со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“, „Антолог“ донираше изданија на Брајово писмо од книгите „Невидлив“ од Елој Морено (во превод на Виолета Јагев) и „Чекорите до црешовото дрво“ од Паола Перети (во превод на Искра Димковска). Шпанскиот автор Елој Морено на 8 февруари го сруши Гинисовиот рекорд за најмногу потпишани книги, а романот „Невидлив“ е на тема врсничко насилство. Италијанската писателка Паола Перети, пак, самата страда од Старгардова болест, што означува постепено губење на видот до целосно слепило. Минатата година таа беше гостинка на јубилејното издание на Фестивалот „BookStar“. Нивните дела сега се достапни и на Брајово писмо во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, како и во Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ – Скопје.
Книгите се изработени на Брајово писмо во соработка со Здружението на слепи лица на Општина Велес, Брајова библиотека „Ратко Пајдаков“ – Велес, а поради нивната обемност двете публикувани се публикувани во два тома. „Антолог“ верува дека книгите не се привилегија, туку граѓанско право.
„Вистинската вредност на литературата се мери со нејзината достапност – со можноста секој читател, без разлика на предизвиците, да може да ја почувствува моќта на зборот. Со оваа акција правиме чекор поблизу до свет во кој никој нема да биде исклучен од магијата на раскажаните приказни. Во рамките на оваа иницијатива, досега се направени и други конкретни чекори, како превод на дел од настаните на Фестивалот „BookStar“ на знаковен јазик и креирање бесплатни аудиокниги во соработка со „Самоглас“. И во иднина ќе продолжиме со активности кои ќе обезбедат еднаков пристап до литература за сите, поттикнувајќи ја општествената одговорност во издаваштвото. “, додаваат од Антолог.