Хуманитарната организација „Свети Спас“ започна акција за донирање инвалидски колички што се потребни во клиниките низ Македонија. Оттаму информираат дека успеале да соберат 12 колички, кои се донирани во скопските болници и клиники.
– На Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ ѝ дониравме пет колички, на Клиниката за онкологија, исто така, пет и на ГОБ „8 септември“ уште две колички. Бидејќи сè уште има реална потреба од медицински помагала низ болниците во Македонија, акцијата ќе продолжи и во текот на идната недела – соопштија од хуманитарната организација „Свети Спас“.
Оттаму ги замолуваат сите оние што имаат инвалидски колички, патерици, одалки… да ги достават во најблиската црква, од каде што волонтерите на хуманитарната организација ќе ги подигнат и ќе ги однесат на клиниките каде што има потреба од нив.