Јавното претпријатие „Лајка“ има потреба од ќебиња, дебели престилки, чаршафи, јамболлии, черги или други топли подлоги за кучињата што го поминуваат хуманиот третман и транзитираат постојано во прифатилиштето.

– Секој од нас во својот дом има стари ќебиња, па наместо да завршат во отпад, направете хумано дело и донирајте ги за кучињата згрижени во „Лајка“ – апелираат од претпријатието.

Прекривките може да се донесат директно во самото прифатилиште, на адреса улица „840“ број 2, во населба Маџари, секој ден од 9:00 до 19:00 часот.

Од ЈП „Лајка“ информираат дека досега биле собрани неколку донации од ќебиња и прекривки од хумани луѓе, но, како што велат, тие се од потрошлив и оштетлив материјал и се потребни во континуитет.