ЕPA-EFE/ETIENNE LAURENT

Екипата на Бостон направи уште еден чекор до шампионката титула во НБА-лигата, откако во финалната серија против Далас ја запиша втората победа. Како и на првиот меч, Словенецот Лука Дончиќ повторно немаше поддршка од остатокот од тимот. Тој постигна 32 поена, имаше и 11 скока и асистенции, но тоа не беше доволно Далас да дојде до победата и сега ќе мора да го брани домашниот терен за да остане во игра за прстенот.

По него, најефикасен беше Пи Џеј Вашингтон со 17 поени и 7 скока, додека Кари Ирвинг уште еднаш беше далеку од потребното ниво со 16 поени и 6 асистенции.

  • Секој пораз е пропуштена шанса. Имавме шанса, не ја искористивме, и тоа е целата приказна. Во кошарката победува тој што ќе постигне повеќе коша, овој пат беа тие. Тоа е целата филозофија – изјави еден од најдобрите светски кошаркари.

Имаше многу шпекулации дека Лука ќе го пропушти вториот меч од финалето, поради повреда.

  • Искрено, имаше сомнежи. Меѓутоа, кога ќе излезете на теренот, се заборава сето тоа. Се чувствував добро. и тоа е тоа – додаде Словенецот, кој не сакаше да навлегува во детали.

Следните два натпревара се играат во Далас.

  • Тие се одличен тим, заслужено го завршија регуларниот дел на првото место. Мораме да бидеме подобри, пред сè јас, а потоа и сите други за да успееме да ги совладаме и за да останеме во борбата за тронот – заврши Дончиќ.

Далас итно треба да најде помотивирани играчи во нападот доколку сака да остане во игра за титулата. Серијата сега се сели во Тексас, а следниот натпревар е закажан за 13 јуни, во 2:30 часот по полноќ.