Првиот Донаторски кружок што се одржа неодамна, во Гевгелија, ги надмина сите очекувања на организаторите и на учесниците. Гевгеличани повторно докажаа дека се луѓе што навистина знаат да бидат филантропи и што сакаат да преземат поголема улога во решавањето на локалните проблеми наместо да чекаат институциите да дејствуваат во нивно име. Програмскиот ментор од Фондацијата „Аполонија“ Снежана Сарамандова, за читателите на весникот ВЕЧЕР открива што претставува донаторскиот кружок и која е целта на ваквите активности.
*Што претставува „Донаторскиот кружок“ и како се одвиваше неговата организација?
– Донаторскиот кружок е уникатен настан, кој го воведовме во Гевгелија, со цел да ги поттикнеме локалната филантропија и заедничката одговорност. Овој концепт е инспириран од лиценцираниот модел на „The Funding Network“ (TFN), кој се применува успешно повеќе од 20 години во светот. Благодарение на поддршката од Здружението „Конект“ и проектот на УСАИД „Здружи се за заедница“, го донесовме овој модел во нашата заедница.
Организирањето на Донаторскиот кружок започна во септември 2024 година, со повик до граѓанските организации од Гевгелија што работат на решавање на локалните проблеми. Пративме покана до над 70 организации, од седум аплицираа, а Лидерската група составена од истакнати локални лидери од различни области ги избра трите најсоодветни иницијативи, според критериумите во повикот. Подготовката за настанот вклучуваше повеќе фази, меѓу кои менторирање на организациите. Работевме со секоја организација посебно за да ги усовршиме нејзините презентации и да ги истакнеме приоритетите на нејзините проекти. Се погриживме сите предложени буџети да бидат реални и транспарентни. Настанот вклучуваше внимателно следење на сите аспекти – од логистичка организација до комуникација со донаторите и со учесниците за да се обезбедат успех, остварување на целта и позитивна атмосфера.
*Што е Лидерската група и која е нејзината улога?
– Лидерската група е формирана минатата година, како советодавно тело на јадрото Гевгелија, така сме именувани во проектот „Здружи се за заедницата“. Овој проект е на УСАИД, спроведуван од „Конект“, во партнерство со Фондацијата „Аполонија“, „Индиго“ и со ЕВН. Проектот ќе се спроведува уште три години.
Моментално има седум јадра во државата, во седум општини и сите сме под менторство на „Конект“ и следени од него за да ги тестираме, секој во својата заедница, добротворните активности што ќе ја активираат заедницата да предложи решенија, да ги утврди приоритетите и да работи на обезбедувањето фонд за тие решенија, односно да донесе позитивна промена на локално ниво. Нашата Лидерска група е составена од истакнати лидери од различни области: Тони Аврамов, Кристијан Алчинот, Елена Бегова, Венера Гелебешева-Крстиќ, Кире Јанашлиев, Мирјана Крстева-Масети, Дејан Маркудов, Иван Наков, д-р Саве Паноров, Крунослав Прошев, Наташа Смилкова, Марина Томова, Виолета Поп Ристова, Иван Шуклев и Васко Шутаров. Тие се како управен одбор и имаат клучно значење за транспарентноста и за успешноста на овој настан, како и за давањето насоки и експертиза за следните добротворни активности и селектирањето проекти што ќе бидат поддржани во рамките на јадрото.
*Кои организации добија поддршка на Донаторскиот кружок и како ќе ги искористат собраните средства?
– Поддржавме три доверливи организации со проекти што се важни за гевгеличани:
- Здружението на слепи лица – Гевгелија има цел да го промовира спортот голбол како средство за инклузија и подобрување на физичката и на менталната состојба на слепите и на слабовидните лица. Собраните средства ќе се искористат за набавка на спортска опрема, заштитни очила и на тифло, технички помагала што им се неопходни.
- „Гевгелија точак клуб“ работи на промоција на велосипедизмот како одржлив начин на живот и здрава навика за младите. Средствата ќе се искористат за купување велосипеди, кациги и за организирање велосипедски натпревари за учениците.
- Националната алијанса за лица со посебни потреби – Центар „Мајка Тереза“ обезбедува поддршка за семејствата со лица со попреченост. Со средствата ќе организираат попладневни и викенд-работилници што им нудат на децата и на нивните семејства сигурен простор за развој и одмор.
* Каков беше одзивот од заедницата?
– Настанот обедини над 110 донатори: индивидуи, организации и компании. Девет компании се вклучија со донации „мечинг“. Во текот на настанот беа собрани 395.100 денари, но поради тоа што трае донирањето и еден месец по настанот, во моментот имаме собрано вкупно 471.100 денари. Донирањето беше на забавен начин, во форма на аукција, сите присутни донатори имаа нумерирани палки, во два круга за секоја организација, со поставување износ на минималната донација и со дигање палка како согласност за донирање. Присутните гледаа на екран како им се здружуваат донациите и како расте столбот со донација. Првичната цел беше да се соберат 180.000 денари, по 60.000 за секоја организација, Донаторскиот кружок ја оствари оваа цел уште во првиот круг.
Особено сме горди на вклученоста на граѓанските организации, кои донираа здружено, и на основните училишта „Крсте Мисирков“, „Владо Кантарџиев“ и „Ристо Шуклев“ од Негорци. Претставниците на ученичките заедници од овие училишта, заедно со своите наставници, директори и родители, беа активен дел од настанот. Некои од нив организираа активности како талент шоу и новогодишен базар, а други собираа донации преку донаторски кутии. Во публиката имавме цело одделение со својот наставник и со родителите, претставници на ученичките заедници, на училиштата, деца со родители. Децата од најмала возраст се учат на емпатија, нивните енергија и ентузијазам беа посебен дел од атмосферата на настанот, давајќи му уникатна топлина и инспирација за сите присутни. Ова е вистински пример како може младиот дух и воспитувањето во училиштата да поттикнат позитивни промени во заедницата.
*Кои се вашите следни активности во рамките на проектот?
– За Донаторскиот кружок, и ние и организациите што се претставија, имаме уште многу работа. Постои административен дел со кој се овозможува даночно олеснување за корпоративните донатори, согласно со Законот за донации и спонзорства. Ние, како организатори на настанот, ги обезбедуваме сите документи и ја тераме постапката за 17 компании/организации во моментот. По истекувањето на временскиот рок за собирање донации, потпишуваме договори со трите организации. Тие ги добиваат средствата, ги трошат согласно со своите буџети што ги презентираа пред донаторите и во рок од една година се обврзани не само целосно да ги реализираат туку и да нè известат за постигнатите резултати и ефекти. Целосната документација е строго доверлива, достапна само за персоналот, кој има потпишано изјава за доверливост, и за надлежните институции согласно со закон.
Следниот голем чекор на Фондацијата „Аполонија“ во рамките на проектот е формирање локален фонд „Ја сакам Гевгелија,“ кој ќе функционира според моделот на фондации на заедницата (Community Foundation). Преку овој фонд, граѓанските организации и неформалните групи ќе можат да аплицираат со проекти во области како образованието, здравството, животната средина, спортот, младинските активности и социјалната инклузија. Фондот ќе се финансира преку хуманитарни концерти, базари, спортски турнири, кампањи crowdfunding и преку директна соработка со компании. Целта е да ја поттикнеме заедницата да преземе активна улога во решавањето на локалните проблеми наместо да чекаме институциите да дејствуваат. Проектот „Здружи се за заедницата“ ја има поддршката и од Општина Гевгелија со потпишан меморандум за соработка и можноста бесплатно да се користи дигиталната платформа „Комунити“ за зголемување на комуникацијата меѓу граѓаните и општинските институции, во интерес на општото добро. Ова е начин да изградиме доверба, заедништво и заедничка одговорност – од нас за нас.
Љубчо Алексовски