По речиси три децении на чело на познатата модна куќа Версаче, Донатела Версаче (69) се повлекува од лидерската позиција. Нејзината последна колекција, прикажана во февруари на модната недела во Милано, беше силна и впечатлива, со референци на препознатливите симболи на Версаче – Медуза, барок и грчки мотиви. Брендот беше основан од нејзиниот брат, моден креатор Џани Версаче, во 1978 година, а модната куќа Версаче денес е синоним за гламур, екстраваганција и смелост. Набрзо следеа и официјалните информации за кои веќе се шпекулираше дека Донатела Версаче се повлекува од функцијата креативен директор и презема нова улога во куќата која ја градела со децении. Беше потврдено дека Донатела сега ќе биде главен амбасадор на брендот, посветен на промовирање филантропски иницијативи и глобално позиционирање на куќата. Во исто време, нејзината функција ја презема Дарио Витале, што е првпат некој надвор од семејството на Версаче да ја добие оваа функција.

„Најголемата чест во мојот живот беше да го продолжам наследството на мојот брат Џани. Тој беше вистински гениј, но се надевам дека имав малку од неговиот дух и истрајност во мене. Версаче е во мојата ДНК и секогаш ќе биде во моето срце“, изјави Донатела.

Витале, кој доаѓа од модниот бренд Миу Миу, официјално ја презема функцијата на 1 април, во време кога се погласни се шпекулациите дека Версаче може да биде купена од Групацијата Прада со аквизиција од 1,6 милијарди долари. Неговото назначување сигнализира и нова насока за куќата која со децении е синоним за смела, сензуална мода.

Приказната на Донатела родена во Реџо ди Калабрија, Италија, не е само приказна за моден успех, туку и за преживеана трагедија и градење на сопствен идентитет во свет каде што нејзиниот брат Џани Версаче беше неприкосновен крал. Донатела, неговата помлада сестра, одигра клучна улога зад сцената.

Десна рака и муза на Џани Версаче

Нејзиниот маркетинг инстинкт, разбирањето на културата на славните и уникатното чувство за естетика му овозможија на брендот да изгради глобално признание. Џани ѝ ја довери на Донатела женската линија „Versus“, давајќи ѝ платформа да експериментира и да донесе свој личен допир на брендот. Додека Џани беше архитект на визијата на оваа модна куќа, Донатела беше таа што ја поврза со светот на славните и поп културата, воспоставувајќи блиски врски со имиња како Мадона, Елтон Џон и принцезата Дијана.

Трагедијата која промени се

1997 година донесе незамислива трагедија – Џани Версаче беше убиен пред неговиот дом во Мајами. Неговата смрт беше шок за светот на модата, но и голем предизвик за Донатела, која ја наследи одговорноста за иднината на модната империја. Многумина се сомневаа дека Донатела ќе може да го одржи брендот на високо ниво без визијата на нејзиниот брат. Но, наместо да се откаже, Донатела го презеде кормилото одлучно и храбро. Како главен креативен директор, таа успеа да ја реинтерпретира ДНК на брендот, останувајќи верна на наследството на Џани, но во исто време воведувајќи освежени идеи. Нејзината визија за Версаче стана попровокативна, похрабра и прилагодена на новите генерации. Под водство на Донатела, Версаче стана синоним за црвени теписи, луксузни прослави и уметнички израз.

Фото: Instagram

ИЗДВОЕНИ