Џанлуиџи Донарума би можел да направи уште еден изненадувачки трансфер со кој повторно ќе ги изневери навивачите на калчо гигантот Милан.
Во 2021 година, Џанлуиџи Донарума реши да не го продолжи договорот со Милан и бесплатно го напушти тимот иако италијанскиот клуб можеше претходно да го продаде и да заработи сериозна парична сума.
Репрезентативецот на Италија потпиша многу побогат договор со францускиот гигант ПСЖ, а навивачите на тимот од „Сан Сиро“ тоа го сфатија како големо предавство.
Оттогаш тој е непријател број еден на навивачите на Милан, а сега би можел повторно да ги изневери и уште повеќе да ги налути.
„Јуда“ и „Доларума“ се прекарите кои голманот ги доби од навивачите на Милан, а сега можеби ќе добие уште неколку кои сигурно ќе бидат далеку повулгарни.
Француските медиуми објавија дека Џанлуиџи Донарума е на радарот на Интер, а шампионот на Италија веќе стапил во контакт со неговите агенти.
Очигледно и самиот голман не се чувствува добро откако Луис Енрике пристигна на клупата на францускиот тим, па не би имал ништо против да се врати во Серија А.
Вратата на Милан очигледно му е затворена, па преселбата во Интер изгледа како најдобро решение во овој момент. Секако, останува да видиме што Интер може да му понуди на ПСЖ и кога треба да се реализира овој трансфер, сега или на лето.
Неговиот договор со ПСЖ е до летото 2026 година, така што висината на обештетувањето не би требало да биде астрономска.