Доналд Трамп во понеделникот на 20 јануари положи заклетва како 47-ми претседател на САД, ветувајќи дека ќе биде „миротворец“.
„Ќе го мериме нашиот успех не само со битките што ги добиваме, туку и со војните што ги завршуваме, а можеби и најважно, војните во кои никогаш не влегуваме“, рече тој.
Таа изјава е поврзана со надежите и стравовите во најголемите светски конфликтни зони.
За Украинците, кои се во третата година од бруталниот конфликт по руската инвазија, мирот е многу пожелен. Исто така, низ Блискиот Исток има многу луѓе кои се надеваат на крај на конфликтот.
Сепак, Трамп не даде никакви детали за тоа како ќе се постигне и ќе се одржува мирот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, честитајќи му на Трамп на социјалните мрежи, напиша дека „политиката на мир преку сила“ на Трамп е шанса „да се зајакне американското лидерство и да се постигне долгорочен и праведен мир, што е врвен приоритет“.
Вака Зеленски би сакал Трамп да дејствува како миротворец: да и дозволи на Украина да влезе во преговорите од позиција на сила обезбедена од САД.
Сепак, во своето обраќање Трамп ја критикуваше претходната администрација за „неограничено финансирање за одбрана на странските граници“.
Во Украина постои загриженост дека доаѓањето на Трамп би можело да ја ослаби Украина со задржување на воената поддршка и да ја принуди на мир под неповолни услови.
„Сите се многу уморни од (војната), но јас навистина не очекувам тој да биде магионичар и да го претвори сето тоа во бајка“, изјави една жена од Запорожје за РСЕ неколку часа пред инаугурацијата.
Коментарите на рускиот претседател Владимир Путин ги подвлекоа овие стравови.
Говорејќи на состанокот на неговиот Совет за национална безбедност, Путин рече дека е отворен за дијалог со новата американска администрација за ставање крај на конфликтот во Украина, врз основа на „траен мир заснован на почитување на легитимните интереси на сите народи“.
Овие зборови ќе звучат шупливо во Украина, каде што Путин започна инвазија во февруари 2022 година. Тој сè уште тврди дека Русија има право на огромни делови од украинската територија, вклучително и делови што неговите сили не ги зазеле.
На Блискиот исток, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја поздрави инаугурацијата на Трамп, изразувајќи надеж дека „ќе го завршиме поразот на иранската терористичка оска“.
Изјавата на Трамп дека е миротворец беше придружена со споменување на војната во Појасот Газа.
„Со задоволство можам да кажам дека од вчера, ден пред да ја преземам функцијата, заложниците на Блискиот Исток им се враќаат на нивните семејства“, рече тој.
Ова е прва фаза од договорот за прекин на огнот што донесе пауза во 15-месечниот конфликт меѓу Израел и Хамас, кој Вашингтон го смета за терористичка организација.
Не се знае дали овој договор ќе се одржи. Исто така, не е познато како новата администрација ќе пристапи кон понатамошните планирани разговори. Трамп не даде никакви детали за ова, како и за Украина.
Сепак, Трамп го кажа ова во неговото инаугуративно обраќање, а не во документ за политика. Следните денови и недели може да донесат повеќе околу тоа. Засега, Трамп го понуди првиот увид за тоа како има намера да ја редефинира американската надворешна политика.