Двајца руски и еден американски астронаут слетаа во Казахстан, на руската вселенска капсула Сојуз, по седум месеци поминати на Меѓународната вселенска станица.
Руската вселенска агенција Роскосмос објави дека тројца астронаути, Алексеј Овичин, Иван Вагнер и Дон Петит, нешто по 6 часот утринава слетале во Казахстан во близина на градот Жезказган.
Во соопштението се додава дека слетувањето се случило без компликации и инциденти.
Тројцата астронаути поминале 220 дена во вселената, а за тоа време орбитирале околу планетата 3.520 пати, објави американската вселенска агенција НАСА, додавајќи дека астронаутот Петит го прославил својот 70-ти роденден во вселената.
НАСА соопшти дека ќе спроведе рутински медицински прегледи на астронаутите по слетувањето и дека екипажот ќе се врати во „зоната за опоравување“ во Казахстан.
Петит потоа ќе се качи на авион за вселенскиот центар Џонсон во Хјустон, додека Роскосмос соопшти дека Овчинин и Вагнер ќе отпатуваат во базата за обука во Стар Сити, Русија.