Најмалку 85.000 жени и девојки биле убиени ширум светот во 2023 година, повеќето од интимни партнери – роднини или партнери, според бројките објавени од ОН денес, нарекувајќи го „алармантно ниво“ на фемицид.
„Домот останува најопасното место за жените“ бидејќи 60 отсто од нив биле жртви на „сопружници или други членови на семејството“, се вели во извештајот на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) со седиште во Виена и телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жената UN Women.
Тоа значи дека секој ден се убиваат 140 жени или една на секои 10 минути.
Феноменот „ги преминува границите, зафаќајќи ги сите социјални категории и возрасни групи“, а најпогодените региони се Карибите, Централна Америка и Африка.
Во Америка и во Европа, фемицидот најчесто го врши партнерот, додека во остатокот од светот најчесто се членови на семејството. Многу жртви пријавиле физичко, сексуално или психичко насилство пред смртта, според податоците достапни во одредени земји.
„Тоа сугерира дека многу од убиствата можеле да се избегнат“, се нагласува во извештајот, на пример преку „судски наредби“.
Во регионите каде што може да се идентификува овој тренд, стапката на фемицид стагнира или се намали само малку од 2010 година, што покажува дека оваа форма на насилство е „вкоренета во практиките и нормите“ и тешко се искоренува, забележува УНОДЦ, кој ги анализираше податоците собрани во 107 земји.
И покрај напорите што се прават во неколку земји, „фемицидите сè уште се на алармантно ниво“, забележуваат авторите.