Домино одговорност за смртта на близначињата

ИНСПЕКТОРИТЕ ВО ВОНРЕДНА КОНТРОЛА ВО ПРИЛЕП

436

Инспекторите на Државниот здравствен инспекторат  влегоа во прилепската болница за да проверат каков бил третманот, зошто и во каква состојба двете близначиња биле отпуштени од болницата. Пациенти, според Законот за правата на пациенти, имаат право самоволно да ја напуштат здравствена установа врз основа на дадената писмена изјава, но во законот постои и можност тоа да не се дозволи. Лекарите често се среќаваат со пациенти кои самоволно сакаат да ја напуштат болницата

Причините и одговорноста за смртта на двете близначиња во Прилепско ќе треба да се бараат во четириаголникот на одлуката на мајката самоволно да излезе од болницата, во одлуката на лекарите тоа да и го дозволат, па сè до тоа зошто доцнела посетата на патронажната служба и (не)вклучувањето на Центарот за социјални работи. А најконкретните причини од денеска почна да утврдува Државниот здравствен инспекторат, чии инспектори влегоа во прилепската болница. Целта е да се провери каков бил третманот, зошто и во каква состојба двете близначиња биле пуштени од болница само десетина дена по раѓањето на 30 декември, а кои потоа починале на 16 јануари. Од ДЗСИ најавија дека извештајот од вонредната инспекција ќе го изготват утре. Тој ќе покаже и дали затаила меѓуинституционалната соработка во вакви тешки случаи. Истовремено, од ОЈО за ВЕЧЕР потврдуваат дека освен целокупната документација од медицинскиот третман на бебињата ќе се направи разговор со сите медицински лица, кои меѓу другото треба да одговорат зошто дозволиле мајката да биде испуштена од болницата со бебиња со кревко здравје.

Болницата неодамна соопшти дека на барање и со потпис на мајката двете деца на 10 јануари биле пуштени дома, иако лекарите сметале дека поради малата тежина, од 1.970 и од 1.780 грама, не треба да ја напуштат здравствената установа. Но, тие попуштиле под барањето на 23-годишната мајка која инсистирала да си одат дома, а зошто донела таква одлука, ќе треба да утврди ДЗСИ.

-Близначињата не примаа терапија и одлично се хранеа. Не беа за испис од болница единствено поради пониската телесна тежина. Но, и покрај убедувањето од лекарот да останат, мајката инсистираше да си заминат дома. Беа испишани и покрај објаснувањето за можни последици – соопштија од болницата во Прилеп.

Лекарите предупредуваат, пациентите инсистираат да заминат

Пациенти, според Законот за правата на пациенти, имаат право самоволно да ја напуштат здравствена установа врз основа на дадената писмена изјава или со усна изјава пред двајца сведоци кои ја потпишуваат изјавата за нечија намера да ја напушти установата. Но, во законот постои и можност тоа да не се дозволи.

-Пациентот има право самоволно да ја напушти болничката здравствената установа, освен во случаите пропишани со друг закон, како и во случаите кога тоа би било штетно за неговото здравје или здравјето или безбедноста на други лица- пишува во членот 27 од законското решение.

Во изјавата, којашто лекарите им ја дават на таквите пациенти, се наведува дека се работи за одлука на самите пациенти.

-И покрај назначената опасност по живот на пациентот, тој инсистира да биде испишан од здравствената установа – пишува во образецот на таквите изјави кои им се даваат на пациентите.

Познат македонски гинеколог, кој сакаше да остане анонимен за ВЕЧЕР, вели дека тие често се среќаваат со пациенти кои самоволно сакаат да ја напуштат болницата.

-Такви желби имаат и оние пациентки на кои е очигледно дека им треба подолго лекување. Но, ни наведуваат најразлични причини и инсистираат да заминат. Практично, нè ставаат во ситуација да мора да се согласиме освен ако не сакаме на сила да ги држиме и чуваме оти се случуваат и бегства од болниците. Мене ми се случило пациентка да ја отпишеме по нејзино барање, а по два дена да се врати искрвавена и да бара итна помош од нас – вели овој доктор.

 Зошто немаше посета на патронажна служба?

Останува и прашањето дали мајката и бебињата биле посетени од патронажна служба на која ѝ било обврска. Освен ова, првата посета на новородено и родилка се прави првиот ден од излегување од родилиште. Доколку родилката е отпишана за време на неработен ден, се посетува првиот следен работен ден или во договор со неа. Дилемата е и околу вклученоста на прилепскиот Центар за социјални работи од каде што семејството го посетиле по трагичниот настан. Оттаму соопштија дека семејството не било социјален  ризик, дека примало надомест за трето дете и детски додаток  за другите деца. Родителите биле невработени, а таткото често аргатувал. Иако Центарот има обврска да го посетува семејството еднаш годишно, стручните тимови биле кај нив додека живееле во Прилеп, но немале информација дека се преселиле во село Славеј и немаа точен податок кога последен пат биле кај нив. Утврдено било и дека домот бил затоплен, останатите три деца во семејството, кои се на возраст  на четири, три и година и половина, биле згрижени, нахранети и облечени. Но, сепак, останува дилема како тогаш се случило премрзнувањето коешто болницата го посочила како главна причина за смртта. Од Центарот за социјални работи сега најавија дека ќе прават надзор во семејниот дом, а на родителите им дале насоки како да ги одгледуваат другите три дечиња.

ВЕЧЕР разговараше со неколкумина гинеколози од скопските болници и тие велат дека имало случаи кога била вклучена социјалната служба кога се работи за специфични пациенти, односно на повик во болницата доаѓале социјални работници за разговор со пациентот за да се види со какви се проблеми тој се соочува и дали може да се надминат. Ова води кон прашањето дали социјалните работници требаше да бидат повикани и од страна на прилепската болница со оглед на инсистирањето на мајката да ги изнесе новороденчињата кои биле во ризична здравствена состојба.

(П.А. – Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ