Домино неодговорности-во притвор од вратари до функционери!

Сите жртви биле задушени, 34-ица осомничени за пожарот во кочанската дискотека на смртта

3358

Со домино неодговорности дошло до кобниот ден – недела, кога во кабарето настапувала популарната хип-хоп група ДНК. Пиротехниката била нелегално донесена и активирана во 2:30 часот, искрите од „фонтаната“ го запалиле плафонот. Во моментот на пожарот, внатре имало 650 луѓе, меѓу кои 31 дете. – Ова е само почеток на обемната истражна постапка и натаму ќе се преземаат дејства. Ветив брза и ефикасна истрага. Сега замолувам сите да бидат смирени, да им се даде простор на органите квалитетно да ја завршат истрагата – изјави обвинителот Љупчо Коцевски. Раководителот на Институтот за судска медицина, Александар Станков објави дека обдукцијата е завршена и дека причината за смртта кај сите 59 жртви е насилна, настанала поради задушување и е во директна поврзаност со пожарот. Тој појасни дека кај дел од настраданите се пронајдени изгореници од прв или од втор степен, додека кај тројца имало изгореници од четврти степен, меѓутоа кај сите причината за смртта е задушување.

Осум години државни функционери и службеници, осомничени во истрагата за катастрофалниот пожар во дискотеката во Кочани, му прогледувале низ прсти на сопственикот, поради што дошло до несреќата во која загинаа 59 млади, изјави  на прес-конференција државниот обвинител Љупчо Коцевски, објавувајќи за  истрагата против 27 луѓе и три правни субјекти. ОЈО ќе докажува дека сториле кривично дело тешки дела против општата сигурност, за кое е предвидена највисока затворска казна од 20 години.

– Ова е само почеток на обемната истражна постапка и натаму ќе се преземаат дејства. Ветив брза и ефикасна истрага. Сега замолувам сите да бидат смирени, да им се даде простор на органите квалитетно да ја завршат истрагата – изјави Коцевски.

Во долгото соопштение што го прочита обвинителот е опишано кој на каков начин придонел до несреќата.

– Пропустите на одговорните се верижни и придонеле да дојде до пожарот, кој бил предизвикан од пиротехниката што била активирана во текот на настапот на групата ДНК, во 2:30 часот, а во кој загинаа 59 лица, меѓу кои 6 деца. Повредени се 197 луѓе, од кои 25 деца – изјави Коцевски и тргна со ред.

Од сопственичко-управувачката структура на кабарето, осомничени се тројца: првиот бил закупец на објектот, потоа вистинскиот сопственик и еден што го водел целиот бизнис. Дискотеката се наоѓа на влезот од градот, каде што се сместени и други фирми, автомеханичарски работилници, а над неа – семејни куќи. Пристапот до неа е буквално преку тесни земјени патчиња, каде што гостите ги паркирале автомобилите. Токму поради тоа што иако знаел, првоосомничениот во континуитет добивал лиценци за работа на угостителскиот објект и секој викенд го полнел со млади.

Последната лиценца, за 2024 година, која истекла три дена пред несреќата, според истрагата, сопственикот ја купил, а парите ги дал на вработен во Министерството за економија, во подрачната во Кочани. Па без да го провери објектот, вработениот во Економија му го отворил патот за добивање дозвола. Осомничен е за примање поткуп. Коцевски ги повика сите оние што може да посведочат за поткупот, да дојдат и да ја споделат информацијата во ОЈО.

Истрагата ги опфаќа и геодетската фирма и нејзината сопственичка, која го направила основниот проект со кој, пред 15 години, објектот од лесна индустрија бил пренаменет во кабаре, па со лажниот проект првоосомничениот во континуитет добивал лиценца за работа.

Засега истрагата ги опфаќа единствено поранешниот министер Крешник Бектеши, поранешната државна секретарка Размена Чекиќ-Дуровиќ, која ја потпишала лиценцата, понатаму раководител на сектор и помлад соработник. Ако е познато дека кабарето со години наназад работело на диво, тогаш се поставува прашањето дали треба да се бара одговорност и кај другите четворица министри за економија што ја вршеле функцијата во периодот на дивото работење на објектот.

Лажната лиценца требало да ја проверат, но не го сториле тоа од Пазарната инспекција, па поради тоа, осомничени се двајца ексдиректори и тројца инспектори од Кочани. Пет години, според ОЈО, не влегле во кабарето да проверат каде се наоѓа и во кои услови работи.

Поранешните градоначалници Ратко Димитровски од ВМРО- ДПМНЕ, Николчо Илијев од СДСМ и актуелниот Љупчо Папазов од ВМРО-ДПМНЕ се осомничени дека замижувале пред малверзациите што ги правеле газдите на кабарето, кое, пак, цело време ѝ плаќало комунална такса на Општината. Осомничен е и поранешен директор на Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

Така, со домино неодговорности дошло до кобниот ден –недела, кога во кабарето настапувала популарната група ДНК, за чиј концерт не бил склучен договор, а пиротехниката била нелегално донесена и активирана. Истрагата ги опфаќа организаторот на концертот, вработени во обезбедувањето што дозволиле да се преполни дискотеката, овозможувајќи и влез на малолетници. Во моментот на пожарот, внатре имало 650 луѓе, меѓи кои 31 дете. Одговорност се бара и од оној што им продавал карти за концертот. Иако жителите на Кочани бараа амнестија за членови на обезбедувањето, бидејќи спасиле десетици деца од пламените јазици, сепак, обвинителот Коцевски вели дека тоа што спасувале е една работа, а нивната одговорност е друга. Според Коцевски, ним на товар им се става и фактот дека дозволиле пиротехничка фонтана во преполна дискотека со низок плафон. Осомничени се сопственикот и управителот на агенцијата за обезбедување од Скопје и вработениот во подружницата во Кочани.

Истрагата продолжува и се собираат докази за откривање на причините за пожарот што ја предизвикал несреќата и како дошло до трагедијата. Седумтемина полицајци од Штип и од Кочани се опфатени во предметот што го води Специјалното одделение за полициски службеници во рамките на ОЈОГОКК. Во постапката, осомничени се вкупно 34 лица и за сите е побарана мерка притвор.

Министерот за внатрешни работи, на прес-конференција, рече дека чувствува морална одговорност, но дека сега најважно е да се покаже одговорност со дејствување.

Од 59-темина загинати во кочанската дискотека „Пулс“, 43-мина се од Кочани, по пет лица се од Скопје и од Штип, тројца од Пробиштип, двајца загинати се од Виница и едно лице е од Струмица. Шестмина од починатите се малолетници. Според Обвинителството, од 59-мина загинати, тројца се на возраст од 16 години, тројца на 17, 4 на 18, еден на 19, двајца на 20 години, шестмина на 21, двајца на 23, седуммина на 24 години, тројца на 25, седуммина на 26 години, двајца на 27, еден на 29, тројца на 30, двајца на 31, по еден на 32 и на 33 години, четворица на 36, двајца на 38, еден на 43, двајца на 44, еден на 47 и еден на 48 години. (П. А.)

Судска медицина: Сите 59 жртви од „Пулс“ загинале од задушување

Причината за смртта кај сите 59 жртви од кочанската дискотека „Пулс“ е насилна, настанала поради насилно задушување и е во директна поврзаност со пожарот, соопшти вчера раководителот на Институтот за судска медицина, Александар Станков. Тој појасни дека кај дел од настраданите се пронајдени изгореници од прв или од втор степен, додека кај тројца имало изгореници од четврти степен, меѓутоа кај сите причината за смртта е задушување. Според првиот човек на Судска медицина, жртвите немале повреди од пад на греди или тешки предмети, но кај четворица имало повреди и скршеници на ребрата и задушување поради притисок што се случува при стампедо.

– Јаглерод моноксидот е многу опасен гас. Смртта може да настане многу брзо, во зависност од концентрацијата. Во тој простор со таков чад, многу брзо може да настане смрт и ги онеспособува жртвите да бегаат. Неможност за движење. Според макроскопскиот наод, кај најголем дел од нив има јаглерод моноксид. Најчесто кога имаме вакви случаи, не во олкав број, зимно време имаме вакви случаи и лицата се пронајдени или во кревет или до вратата, обидувајќи се да избегаат – кажа Станков.

Станков најави дека очекува во текот на овој месец да бидат завршени сите извештаи во врска со направените обдукции, додека за токсиколошките анализи ќе биде потребно време.

Облеката и сè што е најдено кај починатите е на Институтот и ќе биде предадено во Обвинителството. Деканот на Медицинскиот факултет во Скопје, Светозар Антовиќ, и раководителот на Институтот за судска медицина соопштија дека по трагичниот настан во Кочани, за многу кратко време биле извршени 59-те обдукции на телата и идентификациите на починатите. За ова биле формирани шест тима во кои, освен експерти од Судска медицина, имало и патолози. Биле вклучени и тимови од МВР.

 

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ