И кога помислија сите дека дојде времето да се покаже Домен Превц во вистинското светло и да тргне по стапките на својот брат, Петер, се случи она најнепосакуваното, стравотен пад на почетокот од сезоната во ски-скокови, во Лилехамер.
Но, за среќа, мина без некои посериозни повреди, бидејќи одлично се снајде при летот, кога со едната рака ја задржа скијата и го ублажи падот при приземјувањето. Сега, им најави подобри денови на своите обожаватели.
- Многу сум далеку од плановите за почетокот на сезоната, но со секое ново натпреварување, учам нешто ново. Сега мислам дека е време да решам некои работи и да постигнам одлични резултати – потенцира Домен Превц, кој има само 16 бода во генералниот поредок во досегашниот тек од сезоната, заработени во Рука, кога беше 15-ти.
Првото место во генералниот поредок, со 476 бода, го држи Пиус Пашке, кој победи на вториот ден од последното натпреварување во Висла, додека второпласиран е Австриецот Даниел Човениг, кој ја оствари првата победа на првиот ден од натпреварот во Висла. Зад него се сонародниците Јан Херл и Штефан Крафт, а петти, со 253 бода и подиум во Висла, е Грегор Десванден.
Следното натпреварување е закажано за викендов што следува, кое ќе се одржи во Енгелберг, Швајцарија, а потоа, на 29 декември, ќе започне турнејата „Четири скокалници“. Првиот натпревар е закажан за 29 декември, во Оберстдорф, потоа, на 1 јануари, има лет во Гармиш-Партенкирхен, по што се селат скокачите во Австрија. Инзбрук е на програмата на 4 јануари, а Бишофсхофен на 6 јануари.