Македонската асоцијација за управување со цврст отпад (МАSWA) ги собира светските експерти за управување со отпадот и за кружната економија на конференција во Скопје, на 29 и 30 мај. Потенцијалите на кружната економија, зелената енергија, отпадот како ресурс, климатските акции, целите за декарбонизација, паметните и дигиталните технологии во управувањето со отпадот се дел од темите на конференцијата со работен наслов „Патување кон одржливо управување со отпад“.
На конференцијата ќе се обратат заменик-претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање – Изет Меџити, холандската амбасадорка во земјава – Озлем Чанел, шефот за соработка во делегацијата на Европската Унија – Стефан Худолин, претседателот на МАSWA – Михаил Матевски и претседателот на Меѓународната асоцијација за цврст отпад ISWA – Џејмс Лоу.
Покрај најновите трендови во сегментот на управувањето со отпад, како основа на кружната економија, дел од панелите на конференцијата ќе бидат посветени на: меѓуопштинското управување со отпадот; ЕСГ-стандардите во практиките за отпад; стандардите и спроведувањето нула отпад на депонија; буџетирањето и финансирањето на системите за одржливо управување со отпад; ZWTL (Zero Waste to Landfill)- стандардите и спроведувањето нула отпад до депонија и можностите за проширување на одговорноста на производителот.
На конференцијата ќе присуствуваат домашни и меѓународни експерти, претставници на бизнис-заедницата, институции, невладиниот сектор и академската заедница. Една од целите на конференцијата е зајакнувањето на соработката меѓу приватниот и јавниот сектор во насока на воспоставување модел на одржливо управување со отпадот и креирање современи модели за паметни градови базирани на принципот на зелената енергија. На 29 мај, активностите предвидени во рамките на конференцијата ќе се одржат во хотелот „Холидеј ин“, а стручните предавања, на 30 мај, ќе се одржат на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје.
Во насока на промоција на новите технологии, базирани на иновативни дигитални алатки, и подигнување на свеста за поголема декарбонизација, прв пат на конференцијата ќе се спроведе систем на мерење на јаглеродниот отпечаток.