Натпреварот од последното коло во главната фаза од четвртата група на Светското првенство во ракомет, меѓу домаќинот Хрватска и Словенија, предизвика бура од реакции во јавноста, а особено кај добрите познавачи на ракометната игра. Овој натпревар го доби Хрватска со 29:26 и се искачи на првото место во групата и заедно со Египет обезбеди пласман во четвртфиналето на шампионатот, додека Исланд, кој имаше ист број на бодови како првопласираните две репрезентации, мораше го заврши настапот на Мундијалот.

Натпреварот го коментираше и Расмус Бојсен, еден од најчесто цитираните ракометни стручњаци на социјалните мрежи. По драмата против Словенија, тој напиша дека еден од домаќините на Мундијалот успеал да се пласира меѓу осумте најдобри и дека „последното оро на Домагој Дувњак“ продолжува.

Но, неговата објава предизвика низа негативни коментари за арбитражата, најмногу од навивачите на Исланд и на Словенија, кои се потсетија притоа и на уште неколку натпревари на СП 2025 кои предизвикаа внимание поради судиските неправди. Меѓу нив, и натпреварот меѓу Холандија и Македонија во првата фаза на првенството.

„Хрватска 55 минути играше девет против седум на теренот“…, Овој натпреварот е наместен под диктат на ИХФ… Каков срам за судиите… Домаќинот мораше да помине понатаму…. Ракометот никогаш нема да биде сериозен спорт додека ИХФ не го реши проблемот со бесрамно корумпираните судии. Погледнете го натпреварот меѓу Македонија и Холандија“ – беа дел од коментарите по мечот Хрватска – Словенија.

Незадоволен од судењето на чешките судии беше и селекторот на Словенија, Урош Зорман.

„Никој не очекуваше дека ќе го отвориме натпреварот толку добро, имавме предност и од пет гола, но потоа за жал не можевме да издржиме во второто полувреме. Можам да се жалам на судиските одлуки, но факт е дека ракометот денеска не победи. Одигравме многу добар натпревар, но сигурно е дека домашната екипа мораше да помине во четвртфиналето“ – изјави Зорман по мечот.

 

ИЗДВОЕНИ