Долгот за нафта го секна јавниот градски превоз

346

Откако граѓаните викендов реагираа дека автобусите на ЈСП, воопшто не сообраќаат и дека чекале на автобуските постојки со часови, од Град Скопје вчера доцна вечерта соопштија дека денеска автобусите на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП) ќе сообраќаат редовно.

-Ве известуваме дека и покрај сите притисоци, ЈСП ќе сообраќа редовно и во полн капацитет – известија кусо од Град Скопје.

Градот не објасни какви притисоци имал во врска со градскиот сообраќај.

Но, и покрај тоа утринава повторно имаше поплаки од граѓаните дека измрзнале чекајќи автобус на постојките.

Миќо Стојановски од Синдикатот на ЈСП во изјава на весникот ВЕЧЕР истакна дека причината што не сообраќале автобусите бил долгот за нафта.

-Нафтата дојде во 3 часот утринава. Требаше време да се танкира нафтата. Половина од автобусите беа вклучени уште раното, додека половината се веќе во сообраќај. Околу 220 автобуси сега се низ улиците на Скопје – објасни Стојановски.

Тој додаде дека не е само долгот за нафта, туку причината за оваа незавидна состојба во која се наоѓа јавниот превоз е  долгот од 8 милиони евра што го има Министерството за образовани и наука кон ЈСП, како и препукувањата на скопската градоначалничка, Данела Арсовска со градските советници од ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески. 

(А.П.)