Поликлиниката Бит пазар кубури со специјалисти, нема доволно невролози, дерматолози, а малку екипи има и за Итна помош, се пожали директорот Самир Исени.
-Во контакт сме со Министерството за здравство, се планираат неколку вработувања за да им се излезе во пресрет на граѓаните. Имаме недостиг на невролози, дерматолози, а мал е и бројот на сегашните екипи на Итна помош, напомена Исени вчера на отварањето на реновираниот педијатриски пункт на поликлиниката на кој присуствуваше и министерот за здравство Арбен Таравари.
-Вработувања ќе има континуирано, но тоа што е засега сигурно се 1 180 средномедицински персонал и 300 специјализанти во почетокот на годината, како и уште толку на крајот од годината. Дваесет јавно-здравствени установи кои веќе имаат изготвено нови систематизации, може веднаш да ги вработуваат планираните 300 приватни специјализанти, вети Таравари.
-Во здравството ќе има точно 1 800 вработувања, а во меѓувреме ќе бидеме принудени да имаме и нови договорци зашто насекаде посебно ни недостасува средномедицински кадар, истакна Таравари.
Инаку, Таравари заедно со директорот на поликлиниката Бит Пазар вчера го отворија реновираниот педијатриски пункт за полесно болни деца до 14 години. Пунктот ќе работи секој ден од 19.30 – 7.30 и во недела 24 часа, а располага со нов медицински мебел и инвентар, како и со сите потребни медицински средства за преглед, анализи и третман. Же бидат ангажирани вкупно 11 педијатри, а во тимовите, покрај педијатар, ќе има и медицинска сестра и лаборант.
-Ќе се вршат општ преглед, лабораториски анализи на крв, урина, ЦРП и се останато што е основно за поставување првична дијагноза иќе се дава соодветна терапија. Пунктот е целосно реновиран, опремен е со нов медицински мебел и инвентар, како и со потребните медицински средства, рече Исени. Како што истакна Таравари, ако некој случај е покомплициран, веднаш ќе се испраќа на Клиниката за педијатрија.
Според него, ќе се направат обиди да се отворат вакви пунктови и на другите скопски поликлиники ако има капацитет и минимум 6 – 7 педијатри подготвени да се договорат меѓусебе да дежураат. Сепак, потенцира, добро е што процесот стартуваше зашто било итно од некаде да се почне.
-Се надевам за 15 дена ќе промовираме Клиника за инфективни болести, комплетно реновиран спрат и Клиника за урологија, комплетно реновирана. Интензивно работиме и на интензивна, интернистичка нега на Клиниката за токсикологија, но за таму ќе ни треба малку повеќе време, рече Таравари.
Одговорајќи на новинарски прашања, тој потврди дека има жалби за „Ало, докторе“ иако апликацијата функционира.
-Пациентите се јавуват и добиваат одговори, на некои од нив им се јавувам и јас лично. Сепак, имаат жалби. Проверуваме за што се. Се обидуваме да ја одржиме во континуитет комуникацијата со граѓаните за да прифатиме секакви жалби и поплаки, истакна Таравари.