Младата руска гимнастичарка, Лала Крамаренко (20), најверојатно, предвреме ќе ја заврши кариерата поради лекарска грешка. Јуниорската европска и светска шампионка од 2018 и од 2019 година бележеше одлични резултати, но нејзината кариера сега е загрозена откако ѝ го оперираа лекарите менискусот.
- Лала имаше операција при која ѝ беше отстранет здравиот менискус – истакна Ирина Винер, тренер на руската репрезентација во ритмичка гимнастика, индивидуален и екипен спорт во кој натпреварувачите изведуваат гимнастички рутини со музичка придружба, користејќи реквизити.
Руските медиуми пренесуваат дека Крамаренко минала еден месец во Израел за да закрепне, но прашање е дали ќе може да се врати на натпреварувањето.
- Тоа се нашите лекари, не сакам да им ги кажам имињата. Би им ги одзела дипломите на таквите доктори. Жал ми е за кутрата девојка. Таа се обидува да се врати. Дури и да ја заврши кариерата, ќе знае дека сум направила сè за да ѝ помогнам. Таа разбира дека ја сакам и жалам за неа – додаде Винер.