Македонскиот доктор, генетичар Владимир Трајковски, професор по Хумана генетика, Физиологија со функционална анатомија, се огласи на социјалните мрежи со апел до сите негови колеги, кај нас или во странство, кои ги лечат децата повредени од пожарот во Кочани
Во објава на Фејсбук проф. д-р Трајковски пишува:
“Почитувани колешки и колеги од клиниките и болниците во кои се лекуваат повредените од трагедијата, сакам да Ве потсетам на принципите на асепса и да не дозволувате посети од било кого за да не ви се повтори сценариото од Романија од пред 10 години.
Асепса е збир на мерки и постапки кои се применуваат за спречување на контаминација со микроорганизми. Таа има за цел да создаде и одржи стерилна средина во медицински, лабораториски и хируршки услови.
Асепсата се постигнува преку:
Стерилизација на инструменти и материјали
Дезинфекција на површини и раце
Коректна употреба на заштитна опрема (ракавици, маски, капи, стерилни наметки)
Контрола на воздухот и средината (ламинарен проток, филтрирање)
Примената на асептични техники е клучна во превенцијата на инфекции, особено во болнички и хируршки услови”, напиша докторот Трајковски.