Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски влезе во контрола во Обвинителството за организиран криминал и корупција со кое шефува обвинителот Ислам Абази. По надзорот во Вишото јавно обвинителство од кое исходот беше дисциплинска постапка против Вишиот обвинител Мустафа Хајрулах и обвинителот кој постапувал по предметите во кои е утврдена нерегуларност, Републичкото ќе ги ,,чешла,, предметите од организиран криминал, областа во која ЕУ очекува конкретни резултати, од борбата со високата корупција.
Шефот на организиран криминал кој е веќе две години ги води истрагите за највисоките криминални форми ретко се појавува во јавноста и соопштува за сработеното. Последните објави на интернет страницата за сработеното се за кокаин, проституција и коцкање. Оделението за ОКК ги наследи предметите од поранешното СЈО и до сега нема информација до каде се истрагите за нив. Неодамна Абази го презентираше извештајот за сработеното пред членовите на Советото на ЈО и доби позитивна оценка. Рече дека има зголемување на предметите а недостасуваат истражители.
Тој на чесло во Обвинителството ја наследи Вилма Русковска и дојде од гостиварско Вишо обвинителство. До неговиот избор, Абази важеше за анонимус за јавноста, но веднаш по победата неговото име се поврзуваше со тогаш владејачката ДУИ. Во медиумите се појавија фотографии од дружби со лидерот Ахмети и други партиски функционери. Абази тврдеше дека не е партиски човек. Во обвинителството со кое тој раководи беше отворен и случајот за предметот „Соравија“ за кој се постапува под допрен глас, а во кој се истражуваше внукот на Ахмети, Дрин Ахмети. На последниот и единствен брифинг со новинарите беше кажано дека овој случај е уште во предистрага. (П.А)