Пред македонската кошаркарска репрезентација е најголемиот предизвик за оваа година – последните два квалификациски натпревари за пласман на Евробаскетот во 2025 година. За остварување на целта, нашата селекција, предводена од Александра Јончевски, ќе мора да ја совлада Естонија на гости (денеска во 18 часот) со најмалку шест позитива, а потоа да ја победи Полска на домашен терен, како и Естонија да загуби кај фаворизираната Литванија.

Сето ова е лесно достижно, но за таа цел прво ќе мораме да одиграме одлично на тешкото гостување во Естонија, каде во составот ги имаме и двајцата најдобри репрезентативци – Ненад Димитријевиќ и натурализираниот Ти-Џеј Шортс.

  • Во моментов, размислуваме само на Естонија и на натпреварот што мора да го добиеме за да одиме понатаму, а за Полска ќе се подготвуваме по Естонија. Имаме мотив, имаме желба, составот, можеби, не е во најпосакуваниот изглед во моментов. Имаме среќа што е Ненад Димитријевиќ со нас, тука го имаме и Ти-Џеј Шортс. Се надевам дека, како тандем, ќе функционираат беспрекорно и дека ќе дојдеме до победа. Тука ја гледам нашата шанса и за некоја брза игра, да ги бркаме тие пет поени негатива во Талин, истакна селекторот на Македонија, Александар Јончевски.

Во последен момент отпадна Теодор Симиќ за мечот со Естонија поради висока температура, па селекторот Јончевски не сакаше ништо да ризикува и го остави во Скопје за да биде подготвен за дуелот против Полска. Ова е голем хендикеп за нашиот состав под обрачите, бидејќи тој беше единствениот класичен центар. Сега, товарот ќе падне на најкорисниот играч на завршниот турнир од Купот „Благоја Георгиевски – Буштур“ за 2025 година, Андреј Маслинко. Тој воопшто не се сомнева во способностите на своите соиграчи кои ќе ја разигруваат екипата на претстојните два натпревари. Како што вели, тандемот Димитријевиќ – Шортс ќе придонесе во целта – пласман на Европско првенство.

  • Одиме на две победи. Двете репрезентации ни се познати. Со Естонија и во претходниот циклус имавме две средби така што мораме да победиме ако сакаме да играме на Европско првенство. Секако, напаѓачки сега сме доста подобри. Имаме двајца плејмејкери кои можат да играат со топката. Малку сме послаби на центарски позиции, меѓутоа ќе се обидеме да надоместиме на тоа. Секогаш сум тука за Македонија, истакна Маслинко.

Инаку, нашата селекција има една победа и три порази во досегашниот дел од квалификациите и се на третото место на табелата, додека Естонците имаат три победи и само еден пораз. Во случај на ист број бодови, решава меѓусебниот двомеч, па затоа дуелот против Естонија е од исклучително значење за наш пласман на Европското првенство. На првиот меч одигран во Скопје, Естонија славеше со 74:69.

Влезниците за натпреварот против Полска закажан за в понеделник во СЦ „Кале“ се пуштени во продажба по цена од 300 денари.

ИЗДВОЕНИ